22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Анѓушев во Берлин: Со новиот закон за енергетика се овозможува изградба на нови електрани од обновливи извори

Утринава почна „Берлинскиот дијалог за енергетска транзиција“, еден од најважните меѓународни енергетски форуми, на кој учествуваат претставници на политиката, енергетскиот сектор и бизнисот од над 50 земји. На свеченото отворање на форумот министерот за надворешни работи на Германија, Хајко Мас, кој е еден од коорганизаторите, истакна дека во овој момент над милијарда луѓе во светот сè уште немаат пристап до електрична енергија, а зголемувањето на производството на енергија од обновливи извори може да го намали тој број.

„Енергетската транзиција не е само промена од фосилни горива кон обновлива енергија. Тоа значи целосна промена на политичките константи. Користењето обновлива енергија им овозможува на државите да ја подобрат сопствената енергетска безбедност. Тоа дека енергијата ја губи својата моќ како геополитички инструмент го знаеме веќе со децении. Државите што ја трансформираат својата енергетска економија може да бидат многу понезависни во остварувањето на своите стратегиски интереси и надворешната политика. Ова е само еден од аспектите за кои сакаме да зборуваме на дијалогот за енергетска транзиција во Берлин“, рече Мас.

Министерот за економија и енергетика на Германија, Петер Алтмаер, зборуваше за процесот на енергетска транзиција во земјата, при што истакна дека Германија како индустриски гигант за неколку децении може да ја промени енергетската слика преку енергетската транзиција, а притоа да ја задржи конкурентноста на светскиот пазар.

„Успешната енергетска транзиција мора да се замисли глобално и холистички. Холистичкиот пристап бара енергетската смена да биде успешна во сите сектори, а во целиот тој процес да бидат земени предвид социо-економските елементи. Тука незаменлива е непрекинатата меѓународна соработка. Затоа, сите клучни играчи и носители на одлуки од целиот свет се дојдени на дијалогот за енергетска транзиција во Берлин: да ги идентификуваат најдобрите практики и со тоа да овозможат ефикасна и брза енергетска транзиција“, потенцира Алтмаер на свеченото отворање на форумот.

Вицепремиерот Анѓушев, кој во попладневните часови ќе говори на панелот „Возможна мисија – Предизвици и решенија за енергетска транзиција“, по свеченото отворање на форумот, изјави дека со донесувањето на новиот закон за енергетика се отвораат многу можности за Северна Македонија и широко се отвораат вратите за нови инвестиции во енергетскиот сектор, особено за производство од обновливи извори.

„Од обновливите извори, досега во Република Северна Македонија има инсталирано околу 72 мегавата од мали хидроелектрани, 17 мегавати од фотоволтаични електрани и 36 мегавати од ветерни електрани, што е релативно мало учество на обновливи извори во споредба со развиените земји. Со новиот закон за енергетика се овозможува изградба на нови електрани од обновливи извори. Планот е да се изградат фотоволтаични централи со инсталирана моќност од 200 мегавати во наредните неколку години. Првите 62 мегавати ќе бидат распишани на тендерска постапка до крајот на овој месец, од кои 35 мегавати ќе бидат изградени на државно, а 27 мегавати на приватно земјиште. Се работи и на неколку проекти за ветерни електрани, а привршува и тендерот за изградба на нови 22 мали хидроцентрали, при што за потпишување договори за овие електрани ќе биде земено предвид и еколошкото влијание бидејќи некои од нив ќе бидат во национални паркови. Сè на сè, на добар пат сме во поглед на енергетската транзиција. Ги следиме светските трендови, а процесите во Република Северна Македонија се сериозно интензивирани“, нагласи Анѓушев.

Анѓушев дополни дека со евентуалната изградба на хидроцентралата „Чебрен“ значително ќе се зголеми производството на електрична енергија од обновливи извори.

„Во изминатите 10 години се изградени обновливи извори со инсталирана моќност од 120 мегавати, а во наредните 3-4 години очекуваме да се изградат централи со инсталирана моќност од 300 мегавати“, заврши Анѓушев.

На енергетскиот форум во Берлин, освен вицепремиерот Анѓушев, учествува и директорот на ЕЛЕМ, Драган Миновски.