Како стожер во креирањето на деловната клима во земјата и промотор на дијалогот помеѓу приватниот и јавниот сектор, Централниот Регистар прерасна во електронски сервис на деловната заедница и граѓаните во Северна Македонија. Токму затоа преставува значаен инпут во формулирање на барањата преточени во реформските инцијативи и политики на Владата кои се насочени кон зголемување на растот на стопанството, промовирање на здрава и поволна деловна клима и промовирање на нашата земја како поволна дестинација за инвестиции, порача премиерот Зоран Заев, на 16-тата годишна конференција на Форумот за корпоративни регистри во организација на Централниот Регистар.
„Владата на Република Северна Македонија како главен императив го има развивањето на добрите односи со соседите, развојот на економските и трговски врски во регионот. Активно ја промовираме регионализацијата, како еден од основните услови за поттикнување на растот и развојот на сите наши стопанства. Регионалниот Регистарски Портал, заедно со проектите за воведување на заедничка царинска унија, развојот на комуникациските и инфраструктурни врски во регионот, треба да овозможат реално функционирање на заедничкиот пазар во регионот на Западен Балкан“ рече Заев.
Според него, успехот на тој процес, од една страна, ќе придонесе за обезбедување на поголем пазар за домашните субјекти, а од друга страна, ќе ги поттикне директните странски инвестиции во целиот регион.