Во текот на денешниот ден, во скопскиот регион, беше организиран Караван за зелена економија од страна на регионалниот проект „Вмрежување и застапување за зелена економија“, финансиран од ЕУ. Караванот, на кој присуствуваа 25 претставници на граѓански организации, направи неколку запирања во скопската околина, за да ги запознае учесниците со примери на зелено претприемништво. Прва станица беше селото Трубарево, каде Караванот ја посети компанијата ЕЕ-рециклажа Ф-групација, која работи на рециклирање на електронскиот отпад и компанијата „Галениус Фарм”, производител на органска козметика. За време на втората станица во населбата Визбегово, Караванот ја посети „Суниленс”, компанија која се занимава со собирање, складирање и третман на отпадни масла за јадење и компанијата „Дигитал Центар” која се занимава со графички дизајн и печатење.
Ова е прва од серијата на три каравани за зелена економија кои ќе се спроведуваат еднаш годишно, во секоја од седумте земји каде се спроведува проектот: Република Северна Македонија, Србија, Албанија, Косово, Црна Гора, Хрватска и Босна и Херцеговина. Целта на оваа активност е запознавање на чинителите со концептот за зелена економија и претприемништво, носејќи ги на терен и прикажувајќи практични примери на бизниси кои ги намалуваат еколошките ризици и недостатоци. Експерт за зелена економија се приклучи на караванот, за да го објасни концептот на зелена економија и неговите предности. Исто така, на учесниците им беа презентирани проектните активности, како и можностите за нивно ангажирање и активно учество во проектот.
„Вмрежување и застапување за зелена економија“ е тригодишен проект, започнат во април 2018 година, имплементиран од 7 партнерски организации, кои се членови на Балканската мрежа за рурален развој: Мрежа за рурален развој на РМ, Мрежа за рурален развој во БиХ , Мрежа на организации за рурален развој на Косово, Мрежа за рурален развој на Црна Гора, Мрежа за рурален развој на Србија, Албанска мрежа за рурален развој и Мрежа за рурален развој на Хрватска.
Главната цел на проектот е да обезбеди поддршка за подобрување на влијанието на Балканската мрежа за рурален развој и нејзините конституенти, врз креирањето политики и донесувањето одлуки, преку вклучување во земјоделските и руралните програми и процесите на донесување реформи во политиките за воведување на концептот на зелена економија.