Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Деноноќна битка со пожарите – додека едни се гаснат, други избувнуваат на нови локации

Ситуацијата со пожарите во земјата е сè уште загрижувачка. И попладнево гори на десетина локации во земјата. Центарот за управување со кризи информира дека до 16 часот има пожари во:

Битолскиот Регион
Пожарот кој почна вчера во атарот на с. Норово кон с. Селце, општина Крушево, е сè уште активен. Гори нискостеблеста дабова шума на површина над 100-150 ха. Пожарот и во текот на денот се шири зафаќајки и мешана нискостеблеста и висока дабова и букова шума. Поради ваквата состојба, во утринските часови беше ангажиран хеликоптер од АРМ. Тој сè уште на терен и го гасне пожарот, а во пладневните часови пристигна уште еден хеликоптер од АРМ и пожарот интензивно се гасне со двата хеликоптера. Приземно интервенираат пожарникари и вработени од ЈП „Македонски шуми“, ШС „Липа“ – Крушево.

На територијата на општина Крушево активен е и пожарот кај с. Јакреново, кој почна во синоќешните часови, каде што гори нискостеблеста дабова шума во површина од 0,5 ха, со тенденција на проширување.

Нов пожар има во атарот на с. Врбоец, општина Крушево. Со пожарот зафатена е дабова и букова шума. На терен е упатена екипа пожарникари и вработени од ЈП „Македонски шуми“, ШС „Липа“ – Крушево, месно население, како и вработени во ЕЛС „Крушево“.

Пожарот во с. Гостиражни, општина Долнени, е сè уште активен. Пожарот е префрлен од велешката општина. Со пожарот е зафатена дабова шума. Во текот на денешниот ден во гаснењето на пожарот интервенираат од ШС „Црн бор“ од Прилеп.

Активен пожар има во атарот на с. Полчиште, Торнева Нива, општина Прилеп, и таму интервенираат од ШС „Црн бор“ од Прилеп. Во моментот гори сува трева и деградирана шума.
Од вчера сè уште е активен шумскиот пожар помеѓу селата Мренога и Вирово, општина Демир Хисар. Со пожарот е зафатена нискостеблеста дабова шума. Во гаснењето на пожарот интервенираат вработени од ШС „Бигла Демир Хисар“ и пожарникари од ТППЕ „Демир Хисар“.
Нов шумски пожар има во атарот на с. Цапари на доста непристапен терен. ТППЕ „Битола“ е на терен.

Скопскиот Регион
Пожарот што почнал на 30.3.2019 година, на место наречено Љуботенски Бачила над с. Љубанци, општина Бутел, е сè уште активен. Со пожарот е зафатена мешана шума и сува трева. Во гаснењето на пожарот во моментот интервенираат од ШС „Караџица“.
Пожарот кај с. Катлановска Сушица, општина Петровец, е ставен под контрола. Во гаснењето на пожарот интервенира екипа од ШС „Караџица“.

Тетовскиот Регион
Пожарот што почна на 27.3.2019 година во атарот на с. Луковица и с. Седларево, општина Желином е ставен под контрола. Гори нискостеблеста шума и сува трева. Во гаснењето на пожарот интервенираат од ШС „Лешница“ од Тетово.
Избувна нов пожар во атарот на с. Долно Јаловце. Со пожарот е зафатена нискостеблеста шума. Во гаснењето на пожарот интервенираат од ШС „Шар“ од Гостивар.

Струмичкиот Регион
Во Струмичкиот Регион активни се 4 пожари на мало растојание помеѓу с. Бајково – с. Бадилен над с. Ново Коњарево, општина Струмица. На терен се излезени од ШС „Беласица“, ЈПКД „Комуна Ново Село“, од ТППЕ „Струмица“, како и вработени од шумската и граничната полиција.

Охридскиот Регион
Пожарот што почна на 28.1.2019 година во атарот на с. Рамне, општина Македонски Брод, е ставен под контрола. Во неговото гаснење интервенираат од ШС „Сандански“ од Македонски Брод, од ЕЛС – Македонски Брод и месното население.
Во општина Струга активен е пожар во атарот на с. Октиси и Белица.
Избувна нов пожар над с. Рамне во близина на фабриката „Сувенир“. Со пожарот загрозена е фабриката „Сувенир“ во Македонски Брод. ТППЕ „Македонски брод“ е на терен и известени е ДЗС, од каде што е побарана интервенција од воздух.

Велешкиот Регион
Пожарот што почна на 29.3.2019 година во с. Црешнево е ставен под контрола. Во гаснењето на пожарот интервенира месното население, кое го контролира теренот.
Пожарот што почна на 30.3.2019 година во атарот на с. Мокрени е сè уште активен во два правца. Едниот спрема с. Габровник и еден спрема с. Богомила. На терен интервенираат од ШС „Бабуна“ од Велес.
Пожарот што почна вчера северозападно од с. Ореше е исто така сè уште активен, а интервенираат од ШС „Бабуна“ од Велес.

Штипскиот Регион
Пожарот што почна на 29.3.2019 година во с. Владимириво, општина Берово, е делумно ставен под контрола. На терен се од ШС „Малешево“ од Берово и луѓе од месното население, кои работат на негово локализирање.
Пожарот што почна на 30.3.2019 година во атарот на село Пресека, општина Кочани, во непосредна близина на манастирот „Св. Богородица“, е под контрола. Со пожарот е зафатена борова шума. На пожарот интервенираат од ШС од Кочани, ТППЕ „Кочани“, МВР ПС Кочани, КЈП „Водовод“ и ЕЛС – Кочани.

Кумановскиот Регион
Нов пожар има во атарот на с. Колицко. Со пожарот е зафатена нискостеблеста дабова шума. Во гаснењето на пожарот интервенирале од ШС „Куманово“.