23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Стартува првиот подготвителен проект од Зелениот климатски фонд

Околу 50 претставници на клучните владини институции, министерства и развојни партнери денеска во Скопје учествуваат на првата национална работилница за подготвителен проект за Зелениот климатски фонд (ЗКФ) со цел официјалнозапочнувањенаподготвителните активностинаРепублика Северна Македонија за соработка со ЗКФ.

Оваа работилница е организирана во рамки на првиот проект на Северна Македонија од Програмата за подготвеност и подготвителна поддршка на Зелениот климатски фонд, насловен “Поддршка за управување со ефективен национален координативен механизам за Зелениот климатски фонд”. Проектот го спроведува Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО) под раководство на Кабинетот на Заменик на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, како Националениот назначен орган за Зелениот климатски фонд.

Програмата за подготвителна поддршка има за цел да ги изгради националните капацитети за пристап до средства од Зелениот климатски фонд за спроведување на националните мерки за ублажување на и прилагодување кон климатските промени. Главната цел е земјата да биде целосно подготвена да ги исполни своите обврски кои произлегуваат од Парискиот договор за намалување на емисиите на стакленички гасови прилагодувајќи ги главните економски сектори, како земјоделството, енергетиката, транспортот, здравството и туризмот кон ефектите од климатските промени. Како резултат на подготвителната поддршка, Владата ќе може да креира Национална Програма за Зелениот климатски фонд, усогласена со националните приоритети за адаптација кон и ублажување на климатските промени.

Денешната работилница претставува прв чекор во дијалогот со релевантните национални засегнати страни и партнери за можностите за соработка со Зелениот климатски фонд и потребата за внатрешна координација со цел да се осигура дека националните приоритети и другите постојни напори на национално ниво се земени предвид при развојот на предлози за климатски инвестиции кои би се финансирале преку Зелениот климатски фонд.

Говорејќи на отворањето на работилницата, г-ѓа Олимпија Христова Заевска, Советник за меѓународна економија и развој на Премиерот, истакна дека Зелениот климатски фонд претставува нова перспектива за Северна Македонија во справување со климатските промени и можностдржавата да ги исполни своите обврски кои произлегуваат од Парискиот договор за клима, како и обврските за климатска акција во предпристапниот процес кон Европската Унија. Таа нагласи дека во моментот започнуваат неколку процеси како дел од предпристапниот процес кон ЕУ – подготовка на Стратегија за енергетика, подготовка на Закон за енергетска ефикасност, Подготовка на Национален план за клима и енергетика, подгoтовка на Закон и долгорочна Стратегија за климатска акција, а веќе е усвоена и Националната стратегија за транспорт во која се вградени барањата за клима. Во тој процес, нагласи Христова Заевска, “унапредувањето на знаењата, вештините и капацитетите во рамки на национaлните институции ќе овозможи воспоставување на посоодветен механизам за ублажување на последиците од климатските промени, но и за прилагодување кон промените кои следат во иднина”.

На работилницата, релевантните министерства и институции ќе се запознаат со проектниот циклус на Зелениот климатски фонд и за моменталната состојба со климатските инвестиции на глобално ниво. Ќе се дискутира за модалитетите на финансирање преку Зелениот климатски фонд и можностите за инвестиции за ублажување и адаптацијата кон климатските промени во Северна Македонија. Како резултат на работилницата, учесниците ќе се договорат за работниот план и активностите на проектот и ќе развијат прелиминарен список на приоритетни области од интерес за идните проекти од ЗКФ, во согласност со националните приоритети и инвестициските критериуми на ЗКФ.

“Економскиот раст на земјата зависи од природни ресурси кои се чувствителни на климатските промени, што доведува до високи трошоци за адаптација кон и ублажување на нивните негативни влијанија” истакна г-ѓа Лидија Чадиковска, Национален коресподент на ФАО за Северна Македонија. “Како акредитиран субјект за Зелениот климатски фонд, со широки познавања и искуство со ЗКФ низ целиот свет, ФАО има чест и задоволство да соработува со Кабинетот на Вицепремиерот за економски прашања и сите национални партнери за заедничка имплементација на овој важен проект кој ќе ги постави темелите на националните иницијативи за адаптација кон и ублажување на климатските промени преку идни проекти финансирани од Зелениот климатски фонд”, додаде Чадиковска.

Зелениот климатски фонд е основан во 2010 година, на Конференција на членките на Рамковната конвенција за климатски промени на Обединетите нации (UNFCCC), како глобален фонд за финансирање на напорите на земјите во развој да ги намалат емисиите на стакленички гасови и да се прилагодат на негативните влијанија од климатските промени.