23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев: Изградбата на сточарска фарма во Прилеп ќе придонесе во развојот на сточарството

Претседателот на Владата, Зоран Заев, за изградбата на сточарска фарма „Голд ленд“ рече дека е придонес за локалниот економски развој на општина Прилеп и околината преку зголемување на бројот на вработени, промоција на локалната економија на домашниот и дел од пазарот во опкружувањето со доближување до највисоките светски стандарди за безбедно производство на храна, со исполнување на барањата на купувачите.

„Ова е најголемата ИПАРД-инвестиција и среќен сум што денеска тоа може да го објавиме. Ова е многу суштествен инвестициски објект што ќе се гради за развој на гоење говеда и на сточарството воопшто во државата, која во голема мера говедското месо го обезбедува од увоз. Значајно е дека ќе се отворат нови работни места и ќе имаме конечно производство на говедско месо дома, на нашиот пазар и за нашите граѓани“, рече Заев и додаде дека оваа инвестиција исто така претставува симбиоза на големото пријателство помеѓу Република Северна Македонија и Сојузна Германија, што во трговската размена преминува 4 милијарди евра.

Премиерот истакна дека оваа инвестиција е пример како треба искуството и знаењата од странство да се донесат дома и прати порака до младите да се вратат дома бидејќи тука има услови за инвестиции, развој и за прогрес.

„Тоа го потврдува оваа компанија. Низ призмата на поддршката преку ИПАРД-програмата и секаква институционална поддршка покажуваме дека водиме грижа за рамномерниот регионален развој, локалниот економскиот развој и севкупниот економски развој на државата, која е сервис и ви се наоѓа за реализација на идеите“, заокружи премиерот Заев.

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, од функција на национален ИПА-координатор објасни дека преку програмата ИПА за рурален развој на располагање за периодот 2014-2020 години стојат 60 милиони евра и рече дека е убеден во успешното користење на овој инструмент.

„Ова е директна подготовка на земјата и на земјоделскиот сектор за спроведување на европската земјоделска политика и фондовите што стојат на располагање при членство. Од мој аспект со задоволство можам да констатирам дека искуството за користење на овие средства се зголемува и од аспект на институционален капацитет и од аспект на задоволување на потребите на корисниците и достапност на извори на финансирање на своите бизнис-идеи и потенцијали“, истакна Османи и додаде дека преку институционалното усогласување со политиката за безбедност на храната на ЕУ се постигнува конкурентност на македонските компании и можност за пласман на македонските производи во ЕУ.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, посочи дека компанијата „Голд ленд“ има повлечено најмногу финансиски средства од мерката инвестиции во материјални средства за земјоделски стопанства од ИПАРД 2-програмата. Вкупната инвестиција е во износ од 2,5 милиона евра, од кои 1,5 се средства што по изградбата на комплексот, ќе бидат вратени на сметката на инвеститорот.

„Инвестициите во сточарството, особено во гранки како што е говедарството, се од исклучително значење за месната индустрија, која изминативе две и пол години бележи развој“, изјави министерот Димковски.
Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, рече дека ова е историски момент бидејќи првпат не враќаме пари и државата нема да плаќа казни за неискористени средства, туку ќе бараме повеќе пари од ЕУ за реализација на што повеќе вакви успешни капацитети што ќе го развиваат домашниот агросектор.

„Дека сме на прав пат, покажуваат и последните податоци. Преку ИПАРД 2-програмата до денеска се склучени 1.441 договор со вкупна вредност од 32,2 милиона евра“, истакна директорот Бабовски и најави дека тече новиот повик за мерката 1 – инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства.

Изградбата и опремувањето на сточарската фарма „Голд ленд“ со современа опрема по европски стандарди претставува инвестиција вредна безмалку четири милиони евра. Над 2,5 милиона евра се прифатени како дел за заедничко финансирање, од кои еден милион евра се обезбедени од инвеститорот, другите финансиски средства како неповратен грант се обезбедени од ИПА во вредност над еден 1,1 милион евра, а националното кофинансирање изнесува 375.000 евра.