24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

ВМРО-ДПМНЕ најавува промена на уставното име ако освои 80 пратеници на изборите

ВМРО-ДПМНЕ планира ако освои 80 пратеници на изборите, да пристапи кон менување на Преспанскиот договор и враќање на уставното име. Ова денеска го кажа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, а го потврди како партиски став и генералниот секретар на партијата, Игор Јанушев, одговарајќи на новинарски прашања.

Јанушев рече дека тоа е став што ВМРО-ДПМНЕ во повеќе наврати го кажале во јавноста.

„Да не очекувате дека се што ќе каже претседателот Мицкоски не е став на ВМРО-ДПМНЕ. За тоа сме дискутирале, сме завзеле став уште поодамна и нормално дека нема да бегаме од тој став“, рече Јанушев.

Запрашан како го коментира ставот на СДСМ дека со овој чекор патијата е против НАТО и ЕУ, Јанушев одговори дека тие се првата политичка партија во Македонија која што определбата за НАТО и за ЕУ интеграциите ги има ставено и како програмска определба и како дел од нивниот статут.

„Мислам дека е веќе време за престанување со дефокус на јавноста. ВМРО-ДПМНЕ да ве потсетам дека учествуваше во сите реформски и системски закони кои помогнаа на Република Македонија и на граѓаните во Република Македонија за што побрзо да можеме да пристапиме кон НАТО, за што побрзо да ги почнеме преговорите со ЕУ“, рече Јанушев.