Непријавената работа, намалувањето на сивата економија и процесот на воспоставување предвидлива и стабилна деловна околина, еднакви можности и здрава конкуренција, беа теми на дискусијата и состанокот за проектот финансиран од ЕУ „Подобрување на условите за работа“, на којшто присуствуваше министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.
Целта на овој проект е да му помогне на Министерството за труд и социјална политика во решавањето на предизвиците поврзани со создавање поправедна околина на пазарот на трудот, борба против непријавената работа и справување со различните позиции на мажите и жените на пазарот на трудот.
„Со овој проект промовираме праведен и еднаков третман за сите работници во однос на работните услови. Резултатите што ќе произлезат ќе бидат многу важни за граѓаните на Република Северна Македонија, бидејќи ќе ја подигнат нивната свест за придобивките од пријавената работа, ќе ја унапредат нивната даночна дисциплина и ќе го подобрат пристапот на жените на пазарот на трудот“, истакна Царовска.
Конкретно, овој проект се состои од два компоненти. Првиот се фокусира на поддршка при спроведувањето на избрани правни и политички мерки, и мерки за подигање на свеста. Со воведување и спроведување на овие мерки ќе овозможиме зајакнување на придобивките од вработувањето и социјалното осигурување.
Активностите ќе бидат насочени и кон воведување и тестирање на процедурите и законската регулатива во избрани сектори кај коишто постои најголема веројатност од непријавена работа.
Втората компонента се фокусира на борбата против родовата дискриминација на работните места и усогласување меѓу семејниот и професионалниот живот. Активностите од оваа компонента вклучуваат преглед и унапредување на законските одредби и мерките што не се уредени со закон.