24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

И земјава ќе добие национална Црвена листа за заштита на природата

Денеска, во рамки на завршниот настан од втората компонента на GEF/UNEP проектот “Постигнување заштита на биодиверзитетот преку креирање и ефективно управување со заштитените подрачја и одржување на биодиверзитетот во планирањето на користењето на земјиштето” беа презентирани резултатите од досегашниот, двегодишен процес на изработката на националните Црвени листи во Република Северна Македониjа. Со тоа нашата држва влезе во семејството на држави кои имаат Национална црвена листа. Дополнително, според меѓународните експерти, ова е прв пример во регионот каде постапката одела согласно најстрогите препораки на IUCN.

На настанот беше презентирана и националната веб-страница на Црвени листи, деталните Црвени листи за влечуги и водоземци, приоритетната листа за васкуларни растенија, а се разговараше и за употребата на црвените листи во националната политика, како и за понатамошниот развој на Црвените листи во нашата држава.

Истакнувајќи дека е особено горд што во име на МЖСПП, ја има честа да ја отвори конференцијата на која се промовира сработената Национална црвена листа, заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули во воведното обраќање истакна: „Сакам да нагласам дека ова е чист научен придонес на македонски експерти кои заедно со вработените од секторот природа од МЖСПП, како и меѓународните партнери IUCN и UNEP, работеа во рамки на овој проект. Националните црвени листи се важна алатка за мониторинг на биолошката разновидност и ќе помогнат да се идентификуваат приоритетните видови и подрачја за креирање на успешна политика за заштита и зачувување на природа. Изработката на Црените листи претставува една од најзначајните активности на МЖСПП во подрачјето на заштитата на природата, а воедно е и една од приритетните акции од Националната стратегија за заштита на природа 2017-2028 година.

Во рамки на Проектот, идентификувани и систематизирани се 46 видови од Херпетофауна (водоземци и влекачи) и извршена е проценка на 14 растителни видови, кои имаат меѓународен и национален статус на заштита. Националните црвени листи им помагаат на земјите: поефикасно утврдување на статусот и трендовите за зачувување на видовите, креирање политики, подигнување на свеста за загрозени видови и интегрирање на вредностите на биолошка разновидност во процесите на развој и планирање.

Настанот е организиран од Министерството за животна средина и просторно планирање со поддршка на од Програмата на Обединети Нации за животна средина (UNEP). Процесот на развој на првите Национални црвени листи во РСМ го води МЖСПП со поддршка од Светската унија за заштита на природата (IUCN) преку Канцеларијата за Источна Европа и Централна Азија (ECARO) со седиште во Белград.