Државите од Западен Балкан ги надминуваат граничните вредности за емисии во воздухот од термоелектраните на јаглен договорени со Енергетската заедница и до шест пати за одредени токсични супстанции. Нашатa земја не е исклучок со ТЕЦ „Битола“ како главен прекршител, се наведува во новиот извештај на CEE Bankwatch Network, објави Центарот за истражување и информирање за животна средина „Екосвест“.
Според истражувањето, вкупните емисии на сулфурен диоксид од термоелектраните во Србија, Косово, Босна и Херцеговина и во Северна Македонија го надминуваат плафонот за 2018 година договорен со Енергетската заедница преку националните планови за намалување на емисиите, и тоа повеќе од шест пати. Вкупните емисии на прашина се исто така над вкупниот плафон, и тоа над 60 проценти.
„Нашата земја го надминува националниот плафон за сулфурен диоксид пет пати, а плафонот за прашина нешто повеќе од два пати. Во тие плафони се пресметани и придонесите на ТЕЦ ‘Неготино’ и рафинеријата ‘Окта’, кои не работат веќе повеќе години. Главните извори на емисии што преостануваат се ТЕЦ ‘Битола’ и ТЕЦ ‘Осломеј’, со тоа што ‘Осломеј’ има многу малку работни часови и соодветно на тоа и емисиите на загадувачки супстанции му се под договорените граници. ТЕЦ ‘Битола’, во споредба со индивидуалните плафони за термоелектраната, емитувала 52.823 тони сулфурен диоксид, што е шест пати повеќе отколку што е максимално дозволено. Во однос на прашината, ТЕЦ ‘Битола’ емитувала 3.470 тони, што е три пати повеќе прашина од индивидуалниот плафон“, велат од „Екосвест“.
Нашата земја, како и другите земји од Западен Балкан, е потписник на спогодбата на Енергетската заедница. Оваа спогодба вклучува и цели за намалување на емисиите од индустријата, кои беше потребно да бидат имплементирани најдоцна до 2018 година. Спротивно на спогодбата, земјите ги прекршуваат своите обврски, а во некои случаи, како што е тој со ТЕЦ „Битола“, велат од „Екосвест“, количината емитувани загадувачки супстанции во воздухот постојано се зголемува од година на година.
„Властите, како и менаџментот на ТЕЦ ‘Битола’, знаат за оваа обврска уште од 2006 година. Наместо навремени инвестиции во опрема за намалување на емисиите со цел да се достигнат зададените плафони за 2018 година, доведени сме во ситуација кога ТЕЦ ‘Битола’ треба значително да ги намали работните часови за да ги исполни обврските. Истовремено, за да се исполнат обврските за следната контролна година, 2023, потребни се огромни инвестиции во краток временски период. Ова може да биде погубно за македонската економија“, изјави Давор Пехчевски, регионален координатор за аерозагадување во CEE Bankwatch Network и коавтор на извештајот.
„Инвестициите за доведување на ТЕЦ „Битола“ во линија со најдобрите достапни технологии веќе можеа да бидат вратени како заштеди во здравствениот сектор. Според нашето истражување „Колку чини животот“, направено во согласност со методологијата на Светската здравствена организација, товарот на македонската економија од здравствените последици од термоелектраните е над 20 милиони евра годишно. Токму таа е проценетата вредност за реконструкција на филтерот на ТЕЦ „Битола“. Доколку сакаме искрено да се бориме против аерозагадувањето, мора да престанеме да им попуштаме на големите загадувачи. Овие инвестиции не се само правна обврска, тие се, пред сѐ, обврски за заштита на јавното здравје“, дополни Ана Чоловиќ-Лешоска од Центарот за истражување и информирање за животна средина „Екосвест“.