23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Државна лабораторија ќе го контролира индустриското загадување

Прифатен е амандманот на буџетот, поднесен од пратеничките на ДОМ, за дополнителни 5 милиони денари за акредитација на централна лабораторија. Поддршка за амандманот дадоа министерката за финансии, Нина Ангеловска, како и членовите на Комисијата за финансирање и буџет од мнозинството и од опозицијата.

Со овие средства ќе се реализира повеќегодишното барање на ДОМ за ставање во употреба на централната лабораторија во Министерството за животна средина.

„Во неа беа веќе вложени средства за техничка опрема и стручен кадар, но беше надвор од употреба и се користеа услуги на неколку приватни акредитирани лаборатории. Ова со право оставаше сомнеж во причините за недовршување на процесот на акредитација на една државна лабораторија, која ќе биде контролор на испитувањата за загадување од индустриските капацитети и од други извори“, велат од ДОМ.

Од партијата додаваат дека со ова ќе се отстранат сомнежите за можни непринципиелни договори помеѓу одредени индустриски инсталации, приватни акредитирани лаборатории и претставници од институциите. Посебно значајна ќе биде за инспекторите за животна средина при вршење инспекциски надзор. Ова ќе придонесе за поголема независност и објективност на инспекциските контроли, а со тоа и поефикасна заштита на животната средина и здравјето на граѓаните.