24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

СДСМ: Не успеа планот на ВМРО-ДПМНЕ да ги спаси криминалците

Не успеа планот на ВМРО-ДПМНЕ да ја врати аболицијата на Ѓорге Иванов. Не успеа планот на ВМРО-ДПМНЕ да ги спаси криминалците од своите редови, соопшти СДСМ.

„Се докажа уште еднаш дека зад иницијативата пред Уставниот суд, како и зад целата незаконска аболиција на Иванов, стојат структури на ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ од 2015 година па наваму тврди дека одлуката на Иванов е исправна и врз основа на постоен член.

Денеска, на седницата на Законодавно-правната комисија, без збор, без дискусија, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ гласаа дека не постои таков член, односно дека Иванов надвор од законот аболирал врз основа на непостоен член.

Ниту тогаш ниту, пак, сега има правна можност да се даде такво помилување и аболицијата на Иванов е незаконска и ништовна. Денеска, тоа го призна и ВМРО-ДПМНЕ. Залудни се нивните обиди преку лице обвинето во предмети на СЈО да се обидуваат да го дефокусираат вниманието од нивниот неуспех да ја оживеат незаконската аболиција.

Со затворањето на нелегалната аболиција на Иванов се отвора простор реформите во правосудството да продолжат. СДСМ не дозволи и нема да дозволи нови амнестии, одговорност за сите мора да има“, се наведува во партиското соопштение.