Министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, денеска во Загреб оствари средба со комесарот за информирање на Република Хрватска, Зоран Пичуљан.
Зоран Пичуљан е државен комесар на Република Хрватска за спроведување и остварување на правото на пристап до информации и надзор врз спроведување на законите и воспоставување на меѓународна соработка и соработка со телата на ЕУ. Комесарот за информирање е самостоен и независен, а за својата работа одговара пред Собранието на Р. Хрватска.
Поповски и Пичуљан на средбата разговараа за значењето на отвореноста на владите кон граѓаните и се согласија дека прашањето на транспарентноста ќе биде едно од клучните прашања на следните избори во Република Северна Македонија во април 2020 година и во Република Хрватска на парламентарните избори на есен, следната година.
Министерот Поповски ги посочи веќе преземените мерки од страна на Владата во делот на активната транспарентност, алатката за отчетност, неодамна усвоената Стратегија за транспарентност на Владата, како и целосната отвореност на буџетот и сите трансакции на државните институции, почнувајќи од 2010 година до денес, кои ќе се ажурираат на секои 15 дена. Министерот нагласи дека сите овие мерки ја враќаат довербата на граѓаните во институциите на државата.
Од страна на комесарот Пичуљан во пресрет на преземање на Хрватска со претседавањето со Советот на Европската Унија (јануари – јуни 2020 година) беше изразена подготвеност за стручна, експертска поддршка и соработка, размена на искуства на полето на правосудството со фокус на делот на отвореноста на институциите, транспарентноста како и правосудниот систем во процесот на пристапување на РСМ кон ЕУ.