24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Македонец со пасошот на сопругата сакал да ја внесе љубовницата во САД

Македонски државјанин, кој мигрирал во САД, го искористил пасошот на својата сопруга за да ја внесе љубовницата, исто така Македонка, од Канада во САД.

Рахим Јаворовац, кој станал државјанин на САД во 2006 година, и неговата љубовница биле фатени на канадско-американската граница во Детроит и сега се соочуваат со сериозни обвиненија кои би можеле да ги разделат со години, пишува „Детроит њуз“.

Според тужбата поднесена во Окружниот суд на САД, Јаворовац (49) пристигнал на границата на 15 септември со возило „нисан“ со таблички од Тексас, а на совозачкото седиште била Ленче Крчоска.

Јаворовац, кој сега живее во Илиноис, рекол дека тој и неговата сопруга се враќаат од посета на нивна пријателка во Виндзор. Но, службеникот веднаш забележал дека Крчкоска не личела на фотографијата од пасошот, кој, всушност, бил на сопругата на Јаворовац.

Идентитетот на Крчоска бил потврден со автоматизираниот систем за идентификација на отпечатоци.

Канадските гранични власти подоцна потврдиле дека Крчоска влегла во Канада во јули користејќи го името Елена Тренеска.

Јаворовац во полиција признал дека го зел пасошот без знаење на сопругата за да ѝ помогне на Крчоска. Тој кажал дека со Крчоска биле во врска пред 20-30 години во Македонија, но дека изгубиле контакт сè додека таа не пристигнала во Канада.

И двајцата биле приведени и обвинети за нелегално користење туѓ американски пасош.

Крчоска била изведена пред суд и се изјаснила за невина. Јаворовац бил ослободен со гаранција од 10.000 долари, а му бил одземен и пасошот и има забрана да патува надвор од Мичиген и Илиноис.