Одбивањето на францускиот претседател Емануел Макрон да бидат отворени пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија е голема стратегиска грешка, која сè уште може да се поправи, оценува досегашниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан, кој во новиот состав на Европската комисија од сега го презема комесарското место за буџет и администрација.
Тој во изјава за весникот „Ханделсблат” предупредува на негативните последици што може да ги предизвика противењето на Париз да се отворат вратите на ЕУ за Скопје и Тирана.
„Желбата за реформи и имплементацијата се намалува во сите земји од Западен Балкан. Кредибилитетот на ЕУ е загрозен, а дополнително се поткупуваат и проевропските политички сили во регионот“, истакнува Хан.Тој повикува на брзо поправање на штетата од француската блокада и се надева дека тоа ќе се случи уште во првиот квартал од следната година.
„Кредибилитетот може да се врати ако ЕУ многу брзо постигне заедничка позиција за отворање на преговорите со Северна Македонија и Албанија. На сите шест земји од Западен Балкан мора да ми се даде европска перспектива, а тоа е во интерес и на ЕУ“, вели Хан.
За понудениот „нон пејпер” од Франција, смета дека дел од неговата содржина веќе е имплементиран во земјите од Западен Балкан, на пример во владеењето на правото и реверзибилност на процесот./Makfax