24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Изграден нов павилјон во Психијатриската болница во Демир Хисар

Министерот за здравство, Венко Филипче, официјално го отвори новоизградениот дел на Психијатриската болница во Демир Хисар. Станува збор за комплетно нов машки павилјон за чија изградба средствата ги обезбеди американската амбасада, а уредувањето го финансира самата болница.

„Оваа здравствена установа претставува значаен центар за лекување на пациентите со нарушено ментално здравје. Од основањето на болницата пред 63 години не беше направена ниту една посериозна интервенција на постојните капацитети. Новиот павилјон, кој го изградивме во партнерство со американската влада, е голем исчекор во унапредувањето на оваа установа и здравствениот третман на пациентите што се лекуваат овде. Наша цел како Министерство за здравство е на сите пациенти да им овозможиме медицинска нега и квалитетни здравствени услуги соодветни на нивните потреби“, изјави министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче.

Новоизградениот машки павилјон е со површина од 510 м2, каде што се сместени болнички и административен дел. Внатрешното уредување на павилјонот е направено со сопствени средства на болницата и во согласност со стандардите за ваков тип установи.

„Објектот поседува 36 болнички кревети, санитарен и административен дел. Во целост објектот нуди подобри услови за престој на пациентите, но и многу подобри услови за работа на персоналот. Сето ова значи и повисок квалитет на здравствена услуга. Благодарност до сите учесници вклучени во проектот. Ваквите добри услови во иднина нè обврзуваат да бидеме уште подобри“, изјави Татјана Лозановска, директорка на Психијатриската болница во Демир Хисар.

На отворањето на новиот павилјон присуствуваше и мајор Даниел Маеда, шеф на канцеларијата за одбранбена соработка при американската амбасада, кој истакна дека ова е само дел од програмата за хуманитарна помош финансирана од Европската команда на војската на САД. Преку оваа програма досега се реализирани над 30 проекти во областа на здравството, образованието, кризниот менаџмент и справувањето со кризи. Продолжуваме и понатаму да реализираме проекти што ќе ги подобруваат основните потреби на локалното население, а во партнерство со соодветните министерства, институции или општини.