Во однос на мерките преку кои државата ќе инвестира во човечкиот капитал, на што е посветен предлог-буџетот за идната година, премиерот Заев, кој заедно со министерката за финансии, Нина Ангеловска, синоќа на националната телевизија учествуваше на дебата со новинари од повеќе медиуми, истакна дека тука се вклучени и краткорочни и среднорочни политики, како што е дуалното образование, кое почна да се применува во средните стручни училишта и се внесува во пракса преку компаниите, како и мерките преку Агенцијата за поддршка на вработувањата со тренинг и преквалификации на работната сила која не е ангажирана и е слободна на пазарот на трудот.
„Со младинската гаранција, којашто отвора работни места директно, паралелно оди и мерката за надоместоци за работодавачите додека младите практиканти стекнуваат знаење и пракса. Сè ова значи дека покрај тоа што инвестираме во човечкиот капитал, од една страна заради негово приспособување на пазарот, од друга страна ја мотивираме приватната потрошувачка“, рече Заев пред новинарите.
Тој се осврна на позитивните ефекти од сите овие мерки за создавање општество во кое сите граѓани ќе придонесуваат и ќе бидат попродуктивни и со тоа ќе го подигаат севкупниот економски стандард на државата.
„Имаме поголеми проектирања на странски инвестиции од минатата година. Ги димензиониравме и зголемивме поддршките на приватните субјекти и преку Фондот за иновации и технолошки развиј на малите и средните претпријатија и севкупните поддршки на домашни и странски инвестиции, но и сериозни средства лоциравме во платите и пензиите, во време каде што повеќе од 790.000 граѓани кои работат ќе бидат дополнително поддржани преку супституција на придонесите за растот на платите, што како законско решение веќе помина“, рече премиерот, кој додаде дека покачувањето на минималната плата ќе доведе до зголемување на приватната, домашната потрошувачка со што ќе се зголеми растот на економијата.
Тој појасни на кој начин повеќе се инвестира во секторите образование и здравство во проекцијата за буџетот за 2020 година.
„Треба да се гледаат вкупните средства заедно на Министерството за здравство и Фондот за здравство. Секоја година ставаме неколку милијарди денари повеќе пари. Еден дел реално во Фондот за здравство ќе ни дојде преку мерката за супституциите на платите кои одат во Здравствениот фонд. Верувам дека оваа година повеќе од милијарда е зголемен буџетот на Фондот за здравство, од каде клиниките добиваат најголем број средства, тука спаѓа и делот на капитациите, набавување на опремата, како и во Министерството за здравство. Во моментов се реновираат 34 објекти од вкупно 50, другите се завршени, а околу 30 милиони евра ќе стартува јавна набавка за доопремување на болниците кои веќе се готови во Тетово, Струмица, Струга, Охрид, Штип, болницата ‘8 Септември’, како и клиниките на клинички центар. Ова се прави паралелно со зголемувањето на платите на медицинскиот персонал, што придонесува за квалитетно здравство за нашите граѓани“, објасни премиерот Заев.
Тој истакна дека оваа влада целосно е посветена на инвестирање во човечкиот потенцијал зашто верува дека и тие мерки ќе придонесат во вкупниот раст.
„Кај пензионерите со покачување на пензиите ќе дојдеме до 900 денари зголемување. Со договореното зголемување на платите во образованието, покачувањето за пет проценти на платите во јавната администрација, кое веќе тече со октомврискиот личен доход, ја зајакнуваме приватната потрошувачка, но таа не може да оди сама. Затоа покрај другите поддршки вложуваме 80 милиони евра директно поддршка за малите и средни претпријатија“, рече Заев.
Премиерот Заев ги истакна и мерките за поддршка, односно субвенционирањето со 7.000 денари за припадниците на Армијата за купување сопствен стан за да партиципираат за станбени кредити.
„Државата преку буџетот постои за да плати лекари, наставници, професори, да ја плати полицијата, војската, но и да градиме градинки, школи, болници, да градиме гасификација, патишта, железници… Најголем дел од парите ни одат за социјалата, што значи дека сè уште сме сиромашна земја и затоа ги покачивме социјалните придонеси за 300 проценти. Буџетот е навистина еден сплот на сите потреби на државата, јавно издебатиран, што понатаму значи појака економија и компетитивност на меѓународните пазари“, рече премиерот Заев.
Во врска со капиталните инвестиции и во врска со задолжувањето, премиерот Заев и министерката Ангеловска нагласија дека тука се вклучени изградбите за автопатот Миладиновци – Штип (80 милиони евра ), изградбата на автопатот Кичево – Охрид, 110 милиони евра, изградбата на гасоводот 55 милиони евра, изградбата на коридорот 10, 20 милиони евра, исто толку и за автопатот Радовиш – Штип, проектите за патишта 20 милиони евра, проект за магистрални и регионални патишта, 20 милиони евра, проект за мали и средни претпријатија 32 милиони евра, вкупно 600 милиони евра.
Во делот на железницата се предвидени 50 милиони евра.
Министерката Ангеловска за јавниот долг нагласи дека трендот на растење на долгот е запрен и пораснал за 600 милиони од третиот квартал 2017 до 2019. Таа додаде дека каматните стапки се на историско најниско ниво споделувајќи го примерот дека ако пред неколку години сме успевале да земеме 12 месечни државни хартии од вредност со каматна стапка од 2,6 проценти сега успеваме со истата каматна стапка да земеме државни обврзници на 15 години.
„Јавниот долг по БДП е паднат за 1,1 процент од кога јас сум дојден како премиер, а се градат патишта, водоводи, гасоводи, железници“, посочи премиерот Заев.