„Северна Македонија и земјите од Западен Балкан имаат само еден пат – патот кон ЕУ. Интеграцијата на земјата и на регионот започна од Солун, со резолуцијата од Самитот на ЕУ во овој град во 2003 година. Бугарија и Романија беа првите земји од Балканот кои ги остварија определбите од тој самит. Сега е време да направиме чекор повеќе и Северна Македонија и другите да им се придружат во европското семејство“, рече премиерот Зоран Заев на Самитот во Солун на панел дискусијата „ЈИЕ Европа: Унапредување на регионалната соработка и реформите“.
На панелот, на кој присуствуваа сите учесници на годинашниот Самит во Солун зборуваа и премиерите на Грција и на Бугарија Кирјакос Мицотакис и Бојко Борисов.
Премиерот Заев во своето обраќање истакна дека Северна Македонија последните три години направи многу на домашен и меѓународен план. Како еден од главните приоритети на Владата на Северна Македонија тој ги издвои решавањето на билатералните спорови со Бугарија во 2017 година и со Грција во 2018 година, и дека земјата веќе нема отворени проблеми со соседите и тоа ја прави единствена во регионот на Западен Балкан од таа перспектива.
Договорот од Преспа е најдобриот пример за успех на дипломатијата и дијалогот. Тој стави крај на долг и тежок спор. Проблемот со името беше отворен три децении. Овие беа три децении неизвесност за нашата иднина. Три децении блокирани перспективи за нашиот клучен стратешки интерес.
„Договорот од Преспа е достоинствено и прифатливо решение за обете страни. Тој се заснова на компромис што гради пријателство. Компромис што е добар и за двете страни. Нашето достигнување ги охрабрува другите водачи во регионот да бидат посветени на одржување на мирот и стабилноста, да ја зголемат регионалната соработка, да го зајакнат економскиот развој и да бидат силно посветени на интеграцијата во ЕУ. Цел свет ни оддаде признание за решавањето на проблемите, и сега е време да им дадеме пример дека правиме чекор понатаму и дека ја остваруваме надежта што беше отворена во Солун во 2003 година“, истакна премиерот Заев.
Тој потенцираше дека Северна Македонија ги исполни домашните задачи за да ги оствари условите за старт на преговорите со ЕУ и оцени дека одлуката на ЕУ да не даде согласност за ова прашање беше историска грешка и има негативни ефекти и испрати негативна порака за другите во регионот кои наоѓаат мотивација за демократски реформи во интеграцијата во ЕУ.
„Сепак, ние нема само да седиме и да чекаме. Продолжуваме со европеизацијата на нашето општество и ќе ги зајакнеме и спроведеме нашите реформи. Ние сме одлучни во борбата против организираниот криминал и корупцијата, нема да отстапиме и веќе имаме значителни резултати. Затоа сме посветени да се придвижиме кон ЕУ и НАТО. Добро е за нас, добро е за регионот, а исто така и за самите ЕУ и НАТО. Тоа е добра стратегија за сите“, нагласи премиерот Заев.
Заев подвлече дека евро-атлантската иднина на земјата е поттик за економски развој: стимул за инвестиции, поголема трговија, пристап до единствен пазар на ЕУ, зголемена подвижност на луѓе, стоки и капитал, пониски кредитни стапки, и помага во создавањето повеќе и подобро платени работни места.
„Дојдете во Северна Македонија. Стабилноста и реформите носат економски напредок. Во 2018 година имавме највисоко ниво на директни странски инвестиции – 624 милиони евра. Растот зајакна во 2019 година и се предвидува да достигне 3,8 проценти до крајот на годинава, поттикнат од зголемувањето на инвестициите и потрошувачката. Развивме политики за поддршка на бизнис иницијативите. Оваа година државата помогна со 50 милиони евра. За идната година имаме во Буџетот повеќе за поддршка во таа насока. Регионалната соработка со отстранување на бариерите за слободно движење на луѓе, стоки, услуги и капитал отвора добри можности да правите профит во нашата земја, а на нас да ни донесете повисок БДП, развој, нови работни места. Тоа е вин-вин ситуација“, им порача премиерот Заев на претставниците на најголемите компании од Грција и од регионот, и додаде дека сите земји од Западен Балкан ги делат европските вредности и продолжуваат да ги имплементираат европските стандарди во своите општества.
„Од стагнацијата во меѓудржавните односи, дојдовме до моментот кога сите три земји, Грција, Бугарија и Северна Македонија се гледаат себеси како партнери во трансформацијата на регионот. Направивме договори за стратешко партнерство, сега е време максимално да ги поддржиме и да го отвориме широко просторот за бизнис иницијативите“, рече премиерот Заев на Самитот во Солун на панел дискусијата „ЈИЕ Европа: Унапредување на регионалната соработка и реформите“.