24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

(Видео) Анѓушев: Изградбата на гасоводот со Грција е клучен проект

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев, во рамките на Самитот кој се одржа во Солун, учествуваше и на панелот „Енергетски безбедносни предизвици во Источниот Медитеран“. Вицепремиерот Анѓушев на почетокот на своето обраќање се осврна на проектот за изградба на гасен интерконектор помеѓу Република Северна Македонија и Република Грција и потенцираше дека станува збор за клучен еенергетски инфраструктурен објект, со кој се обезбедува повисока конкурентност за снабдување со природен гас.

„Во моментов се реализират градежни работи за комплетирање на примарниот гасоводен систем во Северна Македонија, со кој во системот ќе бидат поврзани сите поголеми градови во земјата, но за да проектот за гасификација биде комплетен, потребно е да се обезбеди и дополнителен снабдувач со гас, покрај моменталната гасоводна цевка со која се обезбедува гас од Република Бугарија и токму поради тоа во насока на подигнување на конкурентноста во снабдувањето, изградбата на гасоводот со Грција е клучен проект. Република Северна Македонија е подготовена да започне со овој проект, обезбедени се финансиски средства, изработена е физибилте студијата, проектирана е трасата и во тек е изработката на основниот проект и студујата за заштита на животната средина кои ќе бидат готови наскоро, а јавниот повик би требало да се објави на почетокот на 2020 година“, посочи вицепремиерот.

Осврнувајќи се на проектите поврзани со електричната енергија, Анѓушев посочи дека за стабилноста на енергетските системи е важно да се дискутира за енергетската инфраструктура, изворите за производство на електрична енергија, како и за либерализација на пазарите.

„Сметам дека преносните електро енергетски системи на Балканскиот полуостров се сосема добро развиени, да обезбедат сигурност на мрежата, но колку повеќе преносни мрежи имаме, дотолку подобро, за да ги обезбедиме и прекуграничните капацитети помеѓу земјите.

Кога зборуваме за изворите за производство на електрична енергија во светот сега се користи терминот „енергетска транзиција“, кој подразбира премин од конценционалните извори, како централи на јаглен или друг вид на фосилно гориво, во производство од обновливи извори. Сметам дека Северна Македонија е добар пример на земја која започна да ја применува оваа транзиција, во моментов се одвиваат проекти за зголемување на производството од фотоволтаични централи, на принцип на Премиуми. Изненаден сум од интересот и подготвеноста на инвеститорите, кои не само што се подготвени да градат фотонапонски електрани по минимални премиум тарифи, туку и се подготвени да градат без никаков премиум, па и да се наддаваат за да ја добијат локацијата за изградба на ваков тип централа. Покрај зголемувањето на производството од фотоволтаици, работиме и на зголемување на производството од ветернии електрани и од мали хидро централи, од кои веќе над 70 се во функција, а околу 35 во градба. Од моменталните 100 мегавати инсталирана моќност од обновливи извори, со проектите кои ги планираме и реализираме ќе стигнеме до инсталирана моќност од околу 400 мегавати, што е за четири пати повеќе“, посочи вицепремиерот Анѓушев.

Тој нагласи дека во догледна иднина го гледа регионот на Југоисточна Европа како единствен пазар на електрична енергија, со една берза за струја, што ќе донесе бенефит за сите граѓани во сите земји од регионот.