Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска во спортскиот центар „Борис Трајковски“ го отвори четиринаесеттиот традиционален меморијален турнир во мал фудбал, кој Здружението на бранителите и Министерството за одбрана го организираат во чест на загинатите бранители на нашата татковина.
Министерката му се заблагодари на Здружението за нивната мотивираност и посветеност во организација на овој турнир за бранителите, кои, рече таа, го дадоа својот живот за нашиот мир, нашата безбедност, нашата држава и народ и живеењето во мир, благосостојба и безбедност.
„Целото поминато време е кратко за болката да биде поподнослива. Да изгубите, да изгубиме некој близок, значи да се помести целото наше постоење, целиот наш живот, целата наша реалност. Меѓутоа, се собираме на сите овие меморијални турнири за да кажеме дека нивната жртва никогаш нема да биде заборавена ниту, пак, ќе биде залудна. Тие се причината зошто денеска живееме во мир, како безбедна, нормална држава, зашто денеска воопшто можеме да размислуваме за интеграција, за перспективи, за нови можности и за просперитет“, рече министерката.
Шекеринска во име на Министерството и Владата изрази длабока почит за службата, пожртвуваноста и храброста на бранителите, кои, рече таа, се нашите херои, сега и секогаш.
„Спортот е можеби најдобриот начин, како и културата и уметноста, да ја изразиме нашата почит онаму каде што зборовите веќе не може ништо повеќе да кажат“, посочи министерката, која во име на сеќавањето кон делото на бранителите го прогласи меморијалниот турнир за отворен.
На турнирот учествуваат 16 екипи од целата држава вклучувајќи и екипа од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата и од Министерството за внатрешни работи.