26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Филипче: 134 медицински сестри почнаа со шестмесечна работа во Службите за патронажна дејност

Од понеделникот, 134 медицински сестри почнаа со шестмесечна платена работа во Службите за патронажна дејност во 17 здравствени домови и во 2 општи болници со проширена дејност на територија на земјава.

Министерот за здравство, Венко Филипче ги посети и им посака успешен старт на медицинските сестри во Здравствениот Дом во Скопје.

„Чест ми е што на нашиот медицински кадар му овозможуваме достоинствени услови за работа. 42 медицински сестри почнаа со работа во Здравствениот дом во Скопје, а 92 други медицински сестри низ целата држава. Се грижиме за здравствените работници, тука да работат, во македонското јавно здравство. На патронажните сестри им посакувам успешен старт, а ние ќе продолжиме со вистински мерки и политики за да ги мотивираме да останат и да работат во Северна Македонија“, потенцираше министерот Филипче и додаде дека за 2 години издадени се повеќе од 5000 согласности за вработувања и зголемени се платите на здравствените работници. 15% на докторите специјалисти, 10% на медицинските сестри

Патронажните сестри во Скопје ќе бидат распоредени во патронажните пунктови во Поликлиника Чаир, Ѓорче Петров, Јане Сандански, Драчево, Бит Пазар и Ченто, при Здравствен Дом – Скопје, за граѓаните на градот Скопје и околните населени места.

„Патронажните сестри се поделени по тимови, во 6 пуктови. Ќе одат на терен, во домовите на граѓаните и ќе се грижат за здравјето на оние на кои им е најпотребно. Благодарност на Министерството за здравство за реализираната мерка, со која докажуваме дека се грижиме за човечкиот капитал во нашата земја. Со 42те медицински сестри значително ќе го зголемиме капациентот на Здравствениот дом во Скопје“, истакна директорот на Здравствен Дом, Виктор Исјановски.

Во Кочани и Ресен успешно се реализира моделот интегрирана здравствена и социјална заштита. Стручен тим од медицински сестри, физиотерапефт, неговател и социјален работник оди во домовите и се грижи за здравјето на пациентите.