23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Прв пат по 20 години Тутунскиот комбинат Прилеп со добивка

Согласно последните доставени финансиски информации до Македонската берза заклулно со месец септември 2019 година, Тутунски комбинат АД Прилеп (ТКП)  има остварено добивка од околу 6.800.000 денари, што е за прв пат по 20 години во кои важеше за еден од најголемите загубари во земјава. ТКП последниве години откако е во стратешко партнерство со Филип Морис успеа да го стабилизира своето работење и интензивно да се трансформира во ефикасна и модерна фабрика за производство на цигари и обработен тутун во земјава. Според објавените резултати, во однос на истиот период од минатата година, забележано е зголемување на приходите за 3%, а во исто време намалување на расходите од 18%. За споредба, во истиот период лани Комбинатот оствари загуба од околу 3,8 милиони евра, што упатува на значително подобрување на перформансите.

„Прикажаните резултати за деветмесечјето се потврда на нашите очекувања дека годинава за прв пат по две децнии, ќе ја завршиме со добивка. Со оглед дека комбинатот со децении важеше за проблематичен загубар, ова е големa пресвртница што значи дека со домаќинско работење, стручниот тим во Комбинатот и континуирана помош од нашиот стратешки партнер Филип Морис, се трансформираме во ефикасна и компактна компанија. Нашето работење во последниов период бележи значително подобрување на ефикасноста и продуктивноста, што резултираше со производство на високо-квалиетни производи согласно највисоките меѓународни стандарди на Филип Морис. Посебно сум горд што сум на чело на ТКП во овие моменти кога е постигнат овој исчекор“, вели Кирил Станкоски, генерален директор на Тутунски комбинат АД Прилеп.

Благодарение на успешното спроведување на Програмата за подобрување на продуктивноста, ТКП направи нова систематизација на работните места и ги зголеми платите на вработените во клучните сектори – во Погонот Тутун и Погонот цигари. Истовремено ги намали и непродуктивните расходи, ја зголеми енергетската ефикасност во производството, ја подобри состојбата на основните средства, набави нова опрема неопходна за нормално одвивање на производниот процес и се ослободи од непотребните залихи, со што драстично се подобри продуктивноста на компанијата.

Остварените резултати на ТКП секако се должат на стратешкото партнерство остварено со Филип Морис Интернационал и формирањето на заедничка компанија Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп (ФМТКП). Партнерството, меѓу другото, овозможи подобрување на инфраструктурата, инсталирање на нови машини за производство на цигари од прогресивните формати на Филип Морис, меѓу кои и на Марлборо, зголемување на продуктивноста и ефикасноста во работењето, како и стабилен откуп на тутун од тутунопроизводителите и навремена исплата на договорените количини. Сето тоа придонесе ТКП да е на пат повторно да стане успешна компанија на општо задоволство пред се на Прилеп и регионот, но и на домашната економија во целина.