24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Надлежните инспекторати засилени со полиција ќе изрекуваат санкции за загадувачите

Ќе има силна и жестока реакција на надлежните институции доколку не се почитуваат законските одредби и активните мерки за спречување и заштита од аерозагадувањето, е заклучокот од денешниот работен и координативен состанок во Владата на сите инспекторати со претставници од МВР, Министерството за животна средина и Министерството за земјоделство.

„Се договоривме сите инспекторати, соодветно на своите надлежности да ги зајакнат максимално контролите на сите што загадуваат или што имаат потенцијал да загадуваат и заедно со локалната самоуправа, односно со општинските инспекторати за животна средина да формираат заеднички тимови и во секој од тие тимови да има полициски службеник. Овие тимови имаат задача во наредниот период секојдневно и континуирано и ригорозно да ги спроведуваат контролите во сите градови во државата, со цел да биде запрен трендот на загадување на воздухот, на палење шуми, на палење отпад, на депонирање отпад и палење диви депонии. Целиот процес ќе се координира од канцеларијата на премиерот каде што секој ден ќе се слеваат извештаи за состојбите и за резултатите од мерките што биле преземени, и ќе се координираат сите итни и идни мерки во зависност од развојот на ситуацијата на теренот“, истакна во изјавата за медиумите министерот Оливер Спасовски, кој претседаваше со работата на денешниот координативен состанок.

Спасовски додаде дека освен краткорочните мерки и засилени контроли на инспекторите, продолжува и спроведувањето на долгорочните мерки, како што се гасификацијата, пристапот и приклучувањето до топловодните системи за греење, замената на греењето со фосилни горива со клима-инвертери со програма за субвенционирање, како и на други мерки.

На средбата беше посочено дека Државниот инспекторат за земјоделство (ДИЗ) досега има поднесено 27 казни на лице место и 3 прекршочни пријави, а Шумската полиција има поднесено 23 барања за поведување на прекршочни постапки и согласно законот за шуми ќе се изрече глоба од 1.500 до 2.000 евра.