23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Народната банка: Банкарскиот систем и натаму ја одржува својата стабилност

Советот на Народната банка денес одржа редовна седница на која гo разгледа и го усвои извештајот за ризиците во банкарскиот систем во вториот квартал од 2019 година. Притоа беше констатирано дека банкарскиот систем и натаму ја одржува својата стабилност, a неговата отпорност на шокови бележи подобрување.

Како што беше истакнато на седницата, второто тримесечје од оваа година, меѓу другото, беше одбележано со подобрување на показателите за солвентноста и од повисокиот раст на активностите на банките.

„Во усвоениот извештај е нагласено дека во вториот квартал од оваа година кредитната и депозитната активност на банките продолжи да се зголемува. Кварталниот раст на депозитите изнесува 2,2 отсто, со придонес на депозитите и на домаќинствата и на корпоративниот сектор. Кај кредитите е забележан квартален раст од 1,8 отсто, а учеството на нефункционалните во вкупните кредити на нефинансиски субјекти се зголеми 0,3-процентни поени до ниво од 5,5 отсто“, се наведува во соопштението од НБРМ.

Во него се додава дека показателите за ликвидноста на банкарскиот систем се одржаа на задоволително ниво.

„Ликвидните средства учествуваат со речиси една третина во вкупните средства на банките, при што истовремено показателот за соодносот меѓу кредитите и депозитите на банкарскиот систем се одржува на ниво пониско од 87 отсто. Добивката на банкарскиот систем остварена во првите шест месеци е помала речиси 36 отсто во споредба со добивката остварена во истиот период од претходната година, што во најголема мера е одраз на исцрпувањето на ефектите од настаните со еднократен карактер, што предизвикаа висок раст на добивката во првото полугодие од 2018 година“, соопшти Народната банка.

Подобрувањето на солвентноста на банкарскиот систем, додаваат од таму, првенствено произлегува од реинвестирањето на добивките од минатата година во капиталот на банките.

Според податоците презентирани во усвоениот извештај, на крајот на првото полугодие стапката на адекватност на капиталот на банкарскиот систем и понатаму е солидна и изнесува 17,4 отсто.