Претседателот на Владата, Зоран Заев, денеска ги прими во посета заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален пратеник за Западен Балкан, Метју Палмер, и амбасадорката на САД, Кејт Мери Брнз.
На средбата е потврдено дека Северна Македонија и САД успешно го одржуваат и зајакнуваат воспоставеното стратешко партнерство во интерес на граѓаните на двете земји, како и во остварувањето на заедничките цели за демократски просперитет на регионот и во заедничките акции во борбата против тероризмот и екстремното насилство.
Палмер го реафирмира јасниот став на САД дека тие остануваат сојузник на Северна Македонија на патот до полноправно членство во НАТО и ЕУ, како и на континуираните напори и политики на земјата да обезбеди одржливи услови за просперитетна иднина за граѓаните на Северна Македонија.
Заев во разговорот со Метју Палмер изрази благодарност за ратификацијата на протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО во американскиот Сенат, што е од особен придонес во заокружувањето на овој процес за полноправно членство на нашата земја во НАТО.
Претседателот на Владата истакна дека земјата и понатаму останува посветена на процесот за интеграција во ЕУ и дека во периодот што претстои ќе продолжат реформските процеси, одржувањето атмосфера на релаксирани меѓуетнички односи, како и добрите односи со соседите.
На средбата заеднички беше констатирано дека е непоколеблива определбата на земјата за евро-атлантските процеси и дека Северна Македонија и САД го делат оптимизмот дека ќе бидат успешно заокружени.