24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИСИЗБОР

Нови правила во ЕУ: Поголеми казни за трговците кои ќе ги измамат потрошувачите

Трговците и производителите на храна кои ќе ги измамат потрошувачите се соочуваат со поголеми казни од средината на декември, а ветеринарните, земјоделските и другите инспекции, исто така, ќе можат да ловат измамници преку интернет.

Ова се само некои од мерките коишто стапуваат на сила на 14 декември, кога ќе почне да се применува нова уредба за службени контроли за примена на регулативата за храна и добиточна храна за сите земји членки на ЕУ.Како што е објаснето во текстот на регулативата, идејата е да се постигне подобар и поцврст инспекциски систем на европската индустрија за производство на храна во вредност од 800 милијарди евра, којашто беше погодена од низа скандали изминатиот период.

Како оној во 2013 година, кога беше откриено дека на европските потрошувачи им било подметната храна што се декларира како говедска, а всушност станувало збор за коњско месо или неодамнешното шокантно откритие дека било продавано месо од болни крави.

Најновата регулатива што ја дефинира рамката за инспекција на производство на храна датира од 2004 година, а со новото законодавство се обидува да се стави крај на измамничките практики во сегментот на производство на храна, а треба да помогнат и новите, потешки казни за сторителите.

Новина е и тоа што инспекторите ќе можат да купат примероци од храна анонимно на интернет, кои потоа ги тестираат, а доколку се утврди дека не се во согласност, ваквите примероци автоматски ќе се сметаат за службени и ќе бидат изречени казни за сторителите.