Од Град Скопје соопштија дека вчера (14. октомври) до Регулаторна комисија поднеле барање за издавање лиценца за дистрибуција на топлинска енергија.
„Поднесена е документација со која се потврдува дека АД ГЕС-СКОПЈЕ е единствено правно лице кое има востановено трајно право на користење на инфраструктурни објекти, енергетска инфраструктура-топловоди во сопственост на Република Северна Македонија коишто се наоѓаат на подрачјето на Град Скопје“, информираат градските власти.
Покрај тоа, претпријатието Градски енергетски системи (ГЕС) доставило и информација за обезбедени финансиски средства за тековно работење и набавка на основни средства за дејноста, како и дека за вработување на стручните кадри се потребни максимум 45 дена.
Од Град Скопје истакнуваат дека со поднесување на барањето со документацијата, АД ГЕС-СКОПЈЕ ја започнало постапката за добивање на лиценца за дистрибуција на топлинска енергија.