Властите на данскиот град Одшеред воведоа четиридневна работна недела за сите вработени во општинската администрација, во која се вработени околу 300 луѓе, за да можат во иднина петок да го користат како слободен ден.
Одшеред е полуостров во северозападниот дел на островот Зеланд во Данска, на околу 100 километри од Копенхаген, и во градот живеат околу 33.200 лица.
Кирстен Лунд Марквардсен, вработена во општинската администрација, рече дека по долги дискусии со градските власти, тие решиле конечно да ја стават во акција идејата за четиридневна работна недела.
Таа додаде дека сите во градската власт веруваат дека ова дополнително ќе ги мотивира вработените да обезбедат уште подобри услуги за граѓаните.
„Сигурни сме дека луѓето ќе ценат што ќе имаат дополнителен ден за одмор“, рече Марквардсен за „Денмарк њуз“.
Таа рече дека општинските службеници сега ќе работат 35 часа неделно, додека стандардната работна недела во Данска е околу 37,5 часа.
Државните службеници во општината се воодушевени од новиот начин на работа и се задоволни што сега ќе имаат три дена одмор за социјални активности дома и во нивниот приватен живот, пренесува „Денмарк њуз“./Makfax