25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Заев во посета на индустриската зона „Новине“: Владата учествува во изградбата за да се комплетираат работите според највисоки стандарди

Увид во работите на изградбата на индустриската зона кое ги опфаќа атарите на селата Речица и Коњаре во Општина Куманово, како и разговор со стопанствениците од општината, со цел да се поттикне инвестирањето во нови капацитети и заживување на просторот како стопански комплекс, беше повод за средбата на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, со градоначалникот на општинатa Максим Димитривески, со претставниците на бизнис заедницата во Куманово и регионот.

Премиерот Заев, придружуван од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Борис Тунџев, директорката на УЈП, Сања Лукаревска и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, Никола Бабовски, ја проследија презентацијата на работите на индустриската зона на градоначалникот Димитриевски кој истакна дека овој стопански комплекс отвора сериозни можности за понатамошен просторен развој кој воедно ќе претставува и економски развој на самата општина.

Претседателот на Владата, Заев, во разговорот со стопанствениците, како и во изјавата за медиумите, истакна дека Владата останува посветена на континуираната поддршка на ваквите проекти во општините кои носат потенцијал за развој на локалната заедница, за отворање на нови перспективи на бизнис заедницата за инвестирање, а со тоа и учество во вкупниот развој на државата.

„Мене ме радува што во оваа индустриска зона веќе има изградено два објекта, сериозни инвестиции на приватниот капитал. Владата во изградбата на оваа зона ќе учествува со 20 милиони денари и со учеството на делот од општината тоа се средства кои ќе придонесат сите инфраструктурни потреби внатре, канализација, водовод, струја, да бидат на време завршени. Ќе издвоиме во Буџетот за идната година и дополнителни средства за да се комплетираат работите и деловните луѓе од Општина Куманово да добијат зона според највисоки стандарди за развој на нивните бизнис проекти“, нагласи премиерот Заев и додаде дека средбата и разговорот со стопанствениците е одлична можност да се слушнат нивните сугестии и предлози во насока подготовка на индустриската зона според нивните потреби.

„Одличната локација на зоната, на потегот на Коридорот 10 е од огромно значење и интерес за инвеститорите бидејќи им отвора големи можности што доаѓаат од регионалната соработка и поврзување за брза и лесна комуникација со партнерите и пазарот од регионот со потенцијал од 20 милиони потрошувачи. Сите наши средби со политичките лидери од регионот за да го олесниме бизнисот, да ги намалиме административните и царинските бариери на кои годишно се губат големи финансиски средства“, потенцираше премиерот Заев на средбата со бизнисмените и општинските функционери во индустриската зона „Новине“ во атарите на селата Речица и Коњаре во Општина Куманово.