25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Европската народна партија повика на започнување разговори за пристапување на Северна Македонија и Албанија

Следната недела, земјите-членки на Европската унија (ЕУ) ќе се соочат со стратешки избор во врска со започнувањето на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија.

Пред овие клучни одлуки, претседателот на Европската народна партија (ЕПП), Жозеп Дол, изрази поддршка за започнување на разговорите за пристапување во ЕУ за Северна Македонија и Албанија:

„Политиката за проширување на ЕУ е една од најуспешните алатки за воспоставување стабилност и мир на нашиот континент. Одлуките што треба да ги донесат земјите-членки нема да влијаат само на стабилноста, безбедноста и просперитетот на Западен Балкан, туку и на нашиот континент како целина. Време е да испратиме силен сигнал и да останеме верни на нашите обврски кон регионот“, вели Дол.

Во соопштението на ЕПП се наведува дека Северна Македонија и Албанија постигнале напредок во согласност со барањата за отворање на овој процес, па иако останува да се направи многу, отворањето на разговорите за пристапување е природен следен чекор.

„Граѓаните, а особено младите, од Северна Македонија и Албанија, заслужуваат европска перспектива, бидејќи останува извор на мотивација и решеност тие земји и поширокиот регион да продолжат со потребните реформи за понатамошно спроведување на владеењето на правото, зајакнување на судството , борбата против корупцијата, подобрувањето на соседските односи и гарантирањето независност на медиумите“, се наведува во соопштението.

ЕПП оценува дека одлуката следната недела е историска и одлучувачка за иднината на нашиот континент.

„Патот за членство за Северна Македонија и Албанија ќе биде долг, но тоа е патека што треба да ја градиме заедно и не смееме да изгубиме динамика. Западен Балкан се наши најблиски партнери; историски, географски и економски. ЕУ нема да биде целосна додека регионот не биде дел од нашата унија “, се додава во соопштението./Makfax