Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска говореше на научно стручната расправа „Стратешки приоритети во безбедноста и одбраната – Република Северна Македонија по членството во НАТО“, во организација на Факултетот за безбедност – Скопје, а во соработка со Кабинетот на Претседателот. Во своето обраќање претседателот Пендаровски рече дека е изненаден што еден Претседател на нашата држава за првпат доаѓа во една ваква значајна институција, не само сега, туку воопшто, децении наназад.
„Јас се надевам дека до крајот на мојот мандат, а и моите наследници ќе доаѓаат почесто во оваа институција, затоа што оттука со години и децении излегуваат кадри кои на друго место не се образуваат“, истакна претседателот Пендаровски. Говорејќи за безбедносните предизвици од 21 век, тој истакна дека најдобриот начин за соочување со нив е соработката со вакви квалификувани луѓе кои тоа го разбираат. Претседателот нагласи дека е недозволиво за 42 години првпат да влегува Претседател на држава во една ваква институција.
Почитувани, во продолжение е интегралното обраќање на претседателот Пендаровски.
Почитувани студенти и професори, поводот за денешната дебата е новата Стратегија за одбрана, која неколку години наназад стоеше непотпишана и која наскоро ќе стапи во сила, затоа што ни се потребни нови стратегиски документи кои содејствуваат со новата реалност во која се наоѓаме – а клучната е дека стануваме членка на НАТО Алијансата, набрзо. Ваков вид на дискусии се важни за земјата и за сите нас заради подобро мапирање на безбедносното опкружување и справување со прашањата кои се однесуваат на стратешката безбедност со кои се соочуваме, ние, регионот а и светот.
Дозволете ми накратко да дадам свое размислување на темата, на почетокот на дебатата. Без сомнение, клучниот стратешки пробив кој Северна Македонија го направи во однос на сопствената безбедност е поканата за членство во НАТО која ја добивме во јули 2018 година. Тоа беше историски исчекор и пресврт кој нас како држава конечно не позиционира на светската безбедносна мапа еднаш засекогаш.
Влезот во НАТО значи дека ќе седнеме на иста маса и ќе добиеме еднаков глас со останатите земји членки. Но, тоа значи и дека 29 постојни земји – членки ќе имаат обврска колективно да се грижат и да ја штитат и нашата безбедност, а знаеме дека безбедноста е основниот темел за демократска консолидација и економски просперитет на секоја држава.
Една од нашите цели е да ги реализираме приоритетните реформи предвидени во Стратешкиот Одбранбен преглед кој треба да овозможи да имаме Армија која е подготвена и компатибилна со структурите на НАТО.
Подеднакво значајни се и реформите во безбедносниот сектор кои со години беа запрени и дури во последнава година и пол се динамизирани. Како идна полноправна членка, мораме да бидеме активни и во операциите на Алијансата. Нашата цел не е да бидеме само членка на хартија, туку активна членка подготвена да придонесува за глобалната безбедност. Бевме присутни во Ирак, сè уште придонесуваме во Авганистан, Либан и Босна и Херцеговина, истовремено обезбедуваме значајна логистичка поддршка на КФОР на Косово а, во оваа насока, не е исклучено наше активно присуство и во некои идни мисии за засилување на меѓународната безбедност.
По поканата за членство во Алијансата, ние сме во помирни води, но безбедносните предизвици во регионот се сеуште присутни. Тероризмот, верскиот екстремизам, сајбер нападите, дезинформационите кампањи, хибридните војни, се присутни и нема наскоро да исчезнат. Најдобриот начин за справување со современите безбедносни закани кои се наоѓаат високо и на агендата на НАТО е да ги следиме информациите и трендовите и заедно со другите членки на Алијансата да се соочуваме со нив.
Во блиското минато имавме примери кога бевме цел на софистицирани хибридни кампањи кои сакаа да го загрозат демократскиот процес и да ја попречат волјата на граѓаните. Современите хибридни закани ќе продолжат да дејствуваат преку државните граници и затоа е значајно здружено да им се спротивставиме.
Почитувани,
Свесни сме за сите предизвици со кои се соочува Европската унија, како и дебатите за проширување кои во моментов се одвиваат во Европа, но, очекуваме јасна покана за почеток на пристапните преговори. Секое одолговлекување на европските перспективи на регионот значи потенцијално отворање простор за други актери кои не нудат оддржливи алтернативи ниту за ЕУ, ниту за НАТО. Сепак, да бидеме реални, најмногу зависи од нас и од нашите реформски резултати како земја, пред се, во однос на владеењето на правото и борбата против високата корупција.
Прогресот на Балканот во последната деценија е неспорен. Од регион на конфликти, прераснуваме во регион од кои почнаа да доаѓаат и добри вести. Северна Македонија направи стратешки исчекор кон сите пет соседи како придонес кон стабилноста на регионот. Потпишаната Билатерална спогодба со Бугарија ги олесни односите меѓу двете држави. Во исто време, по долги години замрзнат конфликт, процесот на преговори со Грција за името беше обновен и резултираше со потпишување на Договорот од Преспа кој ја отвори вратата за членство во НАТО. Се разбира, подготвени сме и понатаму да ги унапредуваме нашите односи и соработката со сите соседи, и, паралелно, да продолжиме да бидеме активен чинител во регионалната безбедност.
Дами и господа,
На сите учесници ви посакувам успешна дебата. Убеден сум дека ваквите собири помагаат за подобро разбирање на современите безбедносни предизвици а, нашата заедничка цел е низ соочување на аргументите да дојдеме до најдобрите можни решенија за проблемите во времето во кое живееме.
Ви благодарам за поканата и за вашето внимание.