Денеска со почеток во 12 часот, во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица, ќе се одржи промотивно пладне на литература за деца. Ќе бидат промовирани едицијата во десет книги ,,Најдобрата кинеска литература за деца” и најновата прозна книга на Киро Донев – „Дарко во ЗОО паркот“.
Во претставувањето на книгите, изданија на „Македоника литера“, ќе учествуваат: Ацо Гогов, Ана Витанова-Рингачева, Киро Донев и Нове Цветаноски. Актер: Јулија Милкова.
Антологиската едиција „Најдобрата кинеска литература за деца“ „Македоника литера“ ја реализираше како копродукциски проект со издавачката куќа „Делфин букс“ од Пекинг, НР Кина. Во едицијата се застапени најпознатите и најчитаните современи кинески писатели за деца и за млади. Во овие книги се вклучени најдобрите дела на авторите, избрани од самите автори. Изборите содржат бајки, басни, раскази или новели. Како прилог, во книгите се објавени и текстови на авторите кои го образложуваат својот избор и се осврнуваат на своето творештво.
Едицијата ги содржи следните избори: „Тајната на слатките јагоди“ од Танг Сулан, „Мирисливата птица“ од Ѓин Бо, „Легенда за мечето Панда“ од Сун Јоуѓун, „Магичниот папагал“ од Ге Бинг, „Персискиот мачор Пек“ од Гао Хонгбо, „Малиот ној рицар“ од Лиу Сианпинг, „Божјиот фенер на морето“ од Донг Хонгјоу, „Приказни големи колку дланка“ од Џанг Ќуишенг, „Братучед ми доаѓа“ од Ќин Венѓун и „Вкусот на сонцето“ од Џанг Џилу.
Најновата прозна книга на Киро Донев „Дарко во зоо паркот“ е поделена во два дела. Во првиот – „Дарко во зоо паркот“ се објавени триесетина текстови во кои се претставени исто толку животни. Претставени се преку разговор што го води главниот лик – младиот новинар Дарко. Всушност, најпопуларните животни за децата се претставени низ дијалози од аспект на самите животни. На овој начин Киро Донев ги потенцира хуманите односи меѓу човекот и животните.
Вториот дел на книгата е насловен со „Приказни за годишните времиња“. Објавени се триесетина текстови кои се однесуваат на четирите годишни времиња, но во сите нив основната тема се животните и природата./Makfax