Mинистерот за надворешни работи, Никола Димитров оствари средба со министерот за надворешни работи на Република Финска, Пека Хависто, за време на неговата официјална посета во земјава. Фокусот на разговорот беше ставен на европската перспектива, како и на активностите и поддршката од страна на Република Финска во рамките на финското претседателство со Европската Унија, а во контекст на очекуваната одлука за почеток на преговорите на Советот на ЕУ во октомври 2019 година.
Министерот Димитров брифираше и за последните политички случувања во земјата, за зацврстувањето на внатрешната стабилност, за постигнатиот напредок во клучните реформски области од европската агенда и за преостанатите предизвици, за унапредувањето на добрососедските односи со сите од регионот, како основа за подготвеноста на земјата за почеток на пристапните преговори.
„Благодарни сме за финската поддршка и навистина би сакале да го врежеме финското претседателство во нашата меморија, како претседателство со ЕУ, во кое конечно ќе го направиме следниот важен исчекор на нашето евроинтегративно патување“, рече Димитров.
Министерот Хависто ја потврди цврстата поддршка на Финска кон процесот на проширување и кон евроинтегративниот пат на Северна Македонија, како и заложбите за успешен исход во контекст на нашите ЕУ аспирации за време на финското претседателство. Притоа, упати честитки за инспиративниот пример демонстриран преку Преспанскиот договор, а го поздрави и напредокот во општеството во насока на позитивни демократски промени.
Беа разменети мислења и за билатералните односи меѓу двете земји и можностите за соработка и финска поддршка особено во областите на заштита на животната средина и образованието.