Директорот на градската болница „8 Септември”, Христијан Костов, вели дека вчера немало физички инцидент, туку вербален конфликт помеѓу докторите на Одделот за интензивна нега и роднини на починато лице. Тој демантираше натписи од страна на медиуми кои тврдеа дека имало протест пред неговата канцеларија во болницата.
„Пациентот е примен вчера во 14 часот. Од страна на дежурната екипа на болницата беше спроведена целата потребна дијагностика и третман на пациентот. Но, поради неговата лоша состојба, срцеви проблеми, хронични бубрежни проблеми, ноќта околу 23 часот починал“, информираше Костов.
Директорот на болницата потенцираше дека до вербалниот конфликт дошло откако фамилијата била известена за смртта на пациентот. Во тој момент, обезбедувањето повикало полиција.
„Немало физичка пресметка, само вербални моменти. Нема конкретни причини. Самата вест дека пациентот починал делува на роднините и во тие први моменти, некои го доживуваат агресивно, а други прибрано. Имаме конкретен записник од страна на полицијата, ако ве интересира во детаљи обратете се во полицијата. Излезе во јавноста дека имало протести. Тоа го демантирам. Персоналот го повикав јас“, додаде Костов.
Болницата побарала да се изврши обдукција на телото, како што налага законот, но, роднините самоиницијативно го земале телото на починатиот. Костов вели дека полицијата со судските органи ќе треба да одлучат дали обудкцијата ќе треба да биде извршена.
„Побарана е обдукција, но кога е присутна полицијата, тие со судските органи одлучуваат дали роднините можат да го земат телото. Тоа се законски нормативи. Се согласувам дека тоа што се случило е стресно. Тоа е дел од нашата докторска професија. Претпоставувам тоа го има секаде низ светот, меѓутоа, Владата и Министерството за здравство имаа состаноци за да дојдат набрзо до правото решение и овие повремени проблеми ќе бидат решени“, потенцираше директорот Костов.