Времето претпладне ќе биде сончево, а преку денот и понатаму многу топло. Од пладне на север и запад малку ќе се зголеми облачноста и во северните делови ќе започне да дува засилен северен ветер (повремено над 70 км/час). Засилениот ветер попладне ќе се прошири по должина на Повардарието. Минималните температури ќе се движат од 6 до 14, а максималните од 27 до 35 степени. Поради високите температури утре на југоистокот ќе биде активно жолтото ниво за опасност од високи температури.
Во Скопје утре претпладне ќе биде сончево и топло, а од пладне ќе почне да дува повремено засилен северен ветер и малку ќе се зголеми облачноста. Температурата ќе биде во интервал од 12 до 29 степени.
В четврток ќе настапи значителна промена на временската состојба. Ќе преовладува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, претежно во западните делови, а ветерот повремено ќе засилува. Дневната температура ќе опадне за околу 8 степени. В петок повторно ќе дува засилен северен ветер, а потоа во следните денови времето ќе биде стабилно со ниски утрински и дневни температури.