Пешачката тура низ Скопската зоолошка градина за основците, забавно-рекреативната манифестација „Движи се за здравје“ и трибината за чекорите што ги презема Град Скопје се само дел од активностите што се закажани за утре, на вториот ден од Европската недела на мобилност 2019 во Скопје.
Активностите на Европската недела на мобилност 2019 се организираат под мотото „Пешачи со нас“. Партнер на Градот Скопје во реализацијата на овој проект е здружението на граѓани „Македонски зелен центар“, а во организирањето на многубројните активности ќе учествуваат и Делегацијата на Европската Унија, Министерството за животна средина и просторно планирање, неколку скопски општини, средните училишта и центрите на култура на Град Скопје, GIZ, Црвен крст, МВР, ЈСП, Републички совет за безбедност во сообраќајот, Македонска велосипедска федерација, Цементарница Титан, како и повеќе здруженија на граѓани, меѓу кои Прв до врв, Екосвест, Екологик, Go green, Смарт ап, Електромобилност и други.
Во текот на утрешниот ден ќе се организираат следните активности:
Организирана е пешачка тура до и низ Скопската зоолошка градина, со ученици од 4 одделение од ОУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ и ОУ „Коле Неделковски“, општина Центар. Децата ќе се дружат со животните и ќе имаат едукативен час за придобивките од пешачењето, меѓу кои и за поврзувањето со животната средина и со природата. Организатор: Македонски зелен центар, Општина Центар, Град Скопје.
Детскиот културен центар „Карпош“ традиционално, по петти пат, ја организира оваа манифестација, чија цел е да се потсетиме на времето кога вежбањето беше забавно. Манифестацијата е од забавно-рекреативен карактер и подразбира вежби за подобрување на моторичкиот развој кај децата од рана предучилишна возраст, кај кои треба да се развие љубовта за движењето и за пешачењето. На настанот ќе се рекреираат и дружат деца од сите детски градинки во Скопје.
Во голема сала на Советот на Град Скопје ќе се одржи трибина за активностите на Град Скопје кои придонесуваат за подобра мобилност во градот, при што ќе бидат презентирани:
• Акцискиот план за унапредување на велосипедскиот сообраќај 2019-2021,
• Активностите на Град Скопје за зголемување на безбедноста во сообраќајот,
• Проектот за заштита на пешаците со дополнително осветлување на пешачките премини,
• Проектот за поставување копчиња на семафорите на крстосниците во градот.
Герила акција – Булеварите во градот. Волонтери ќе се постават на главните булевари и крстосници со големи пароли и пораки за користење велосипеди, одржлив транспорт и пешачење. Пораките треба да допрат до возачите („Кога последен пат сте се возеле со автобус?“, „Вози велосипед, оди пеш, за да бидеш свеж“ и слично)
Во Старата скопска чаршија во периодот 16 – 18.09.2019 година ќе се одржи традиционалната манифестација „Звуците на чаршијата“, чија цел е преку концерти, перформанси, фолклорни настапи, поезија, ликовна колонија и презентација на стари занаети, чаршијата да заживее во духот на традицијата како културен и духовен споменик на градот и да се врати духот на занаетите, барем на оние што останале до денес, да се врати некогашниот ритам на живот, кога пешачењето и велосипедот биле начин на движење. Мултимедијална и мултикултурна манифестација што треба да придонесе во активностите на Градот Скопје и Културно-информативниот центар за ревитализација на Старата скопска чаршија.
Вечерта ќе има и музички дел, при што на Платото пред Универзитет на Југоисточна Европа, ќе настапат Деструкција Ритам на Исмет Рамиќевиќ и музика од Сецко Хаџич. Диџеј Електрон и Тамара Тодевска.