24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

„Оваа зграда зборува (на)вистина“ и „Човековиот срам“ на МОТ

Програмата на фестивалот МОТ, денеска, 16 септември, продолжува со уште една изведба на „Оваа зграда зборува (на)вистина“ и „Човековиот срам“ во Младинскиот културен центар.

Четвртиот ден на МОТ почнува со реприза на „Оваа зграда зборува (на)вистина“ на Филип Јовановски со почеток од 18 часот во МКЦ. Перформансот е составен од три дела: инсталација со перформативен дел во соработка со актерката Кристина Леловац; кратко видео со наслов „Кино Култура“ и двојазична публикација. Со овој уметнички проект беше претставен павилјонот на Република Северна Македонија на Прашкото квадриенале за перформанс, дизајн и простор и ја доби главната награда „Златна трига“ на оваа престижна манифестација.

Програмата продолжува со перформансот „Човековиот срам“ во 20 часот. Силвија Грибауди и Матео Мафесанти го истражуваат методот во кој авторите се постојано поврзани со територијата каде што се наоѓаат. Денешнава публика ужива во креативни идеи што отворено поставуваат некои прашања. Кога е вистинското време да почувствуваш срам од нешто? Колку се на број интимните човекови срамови и колку многу се можни и веројатни преку поетски гледишта? Кога срамот што се трансформира во убавина настапува на сцена?

Танцовиот перформанс е роден од проектот „Поетиката на срамот“ во копродукција на #Reteteatro41 и Matera – Basilicata Foundation 2019. Мајсторот на церемонијата и единствената македонска актерка во перформансот е Симона Спировска.

Во склоп на придружната програма по претставите следува диџеј-сет на Бојан Кирковски.