Нема да дозволиме физичко насилство врз медицинските лица кои секојдневно спасуваат животи во болниците, велат од Министерството за здравство, по физичкиот напад врз лекар во Клиничката болница во Тетово.
„Здравствените работници се грижат за здравјето на сите граѓани во нашата држава. Тие се оние кои прават сѐ за да спасат човечки животи. Напад врз здравствен работник и здравствен соработник при вршење на здравствена дејност е недозволиво и казниво според закон“, велат од Министерството.
Од таму потсетуваат на одредбите од Законот за здравствена заштита споре кои тој којшто ќе нападне или сериозно се заканува дека ќе нападне здравствен работник и здравствен соработник при вршење на здравствена дејност како службена дејност и давање на здравствени услуги, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.
Ако при извршувањето на делото, сторителот со употреба на оружје или друго опасно орудие го малтретира или го навредува здравствениот работник и/или здравствениот соработник или телесно го повреди, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.
Ако на здравствениот работник и/или здравствениот соработник му е нанесена тешка телесна повреда, сторителот ќе се казни со затвор од една до десет години. Ако сторителот бил предизвикан со незаконито или грубо постапување на здравствениот работник и/или здравствениот соработник, може да се ослободи од казна.
Ако сторителот бил предизвикан со незаконито или грубо постапување на здравствениот работник и/или здравствениот соработник, може да се ослободи од казна.