23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Заев се сретна со делегација на Венециската комисија

Претседателот на Владата, Зоран Заев, придружуван од министерката за правда, Рената Дескоска, се сретна со делегација на Венециската комисија предводена од шефот на делегацијата, Томас Маркерт.

На средбата е истакнато дека Република Северна Македонија е модел на партнер на Комисијата, бидејќи праксата покажува дека нашата држава ги применува препораките на Венециската комисија.

На состанокот се разговараше за аспектите на примена на донесените измени и дополнувања на Законот за употреба на јазиците, за што нашата држава побара мислење од Венециската комисија.

Премиерот Заев истакна дека Венециската комисија е драгоцен партнер на нашата држава, којашто е определена да гради праведна и правична држава, со еднакви права и должности за сите граѓани, во рамки на концептот едно општество за сите, којшто е прифатен и од домашната јавност и од Европската Унија.

„Сакаме да ги постигнеме европските стандарди и пракси, во делот на почитувањето на човековите права и во таа насока очекуваме насоки од Венециската комисија. Ние како Влада соопштивме уште пред донесувањето на Законот дека ќе го почитуваме мислењето на Венецинската комисија и на Уставниот суд. Целта на законот е задоволување на практичните потреби на граѓаните, со цел сите граѓани да се чувствуваат заштитени и со доверба кон институциите на системот. Ние како држава сме Европа во мало и за нас е од големо значење да се поставиме според европските стандарди, применливи за нашата земја, со оглед дека на есен очекуваме позитивна одлука за датумот за почеток на преговорите со ЕУ, а во декември заокружување на интеграциите во НАТО. Сите овие затворени домашни и меѓународни процеси важни за граѓаните отвораат пат на економскиот развој на државата, којшто веќе ги дава првите резултати“, рече меѓу другото, премиерот Заев.

Премиерот Заев се заблагодари за досегашната соработка со Венециската комисија и додаде дека очекува таа да продолжи и во иднина, посебно што Република Северна Македонија е посебно посветена на резултати од правосудните реформи и борбата со криминалот и корупцијата.

На состанокот е соопштен впечатокот дека нашата држава, со позитивните промени и напредокот, ги има симпатиите на европската и меѓународната јавност, што се очекува да резултира со напредок и во евроинтеграциските процеси.