Во кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија денеска се одржа конститутивната седница на Советот за безбедност.
Учесниците на состанокот констатирале дека состојбата во земјата и во регионот е стабилна и засега нема индиции дека би биле загрозени границите или, пак, интегритетот и суверенитетот на Северна Македонија.
„Сите надлежни институции во континуитет ги следат ситуациите коишто потенцијално би можеле да прераснат во посериозен проблем, како што е мигрантската криза“, соопштија од Кабинетот на претседателот.
На седницата присуствуваа постојаните членови на Советот: премиерот Зоран Заев, претседателот на Собранието, Талат Џафери, министрите за одбрана, Радмила Шекеринска, за внатрешни рабо, Оливер Спасовски, и министерот за надворешни работи, Никола Димитров. Исто така присуствуваа и членовите на Советот, назначени од страна на претседателот Пендаровски: професорите Ненад Марковиќ, Ветон Љатифи и Трајан Гоцевски.
На покана на претседателот на денешната седница на Советот за безбедност присуствуваа и директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски, и заменик-началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин.
Покана за учество добил и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, но тој не дошол. Пендаровски рече нема одговор зошто лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не присуствувал на седницата на Советот за безбедност.
„Сметам дека претставниците на опозицијата, особено на најголемите, најрелеватните опозициски партии мораат да присуствуваат по покана од претседателот на состаноците на Советот за безбедност, затоа што Советот не е приватна институција на претседателот и на седниците не се дискутира за приватни и партиски работи“, рече Пендаровски.
Одговарајќи на новинарски прашања, тој се осврна и на случувањата во регионот, при што посочи дека од влијателни меѓународни фактори пристигнуваат информации за можно заживување на дијалогот Белград-Приштина што може да влијае на состојбите на Западен Балкан. Република Северна Македонија граничи со двете држави и затоа, нагласи претседателот, треба да бидеме подготвени за сите варијанти кои евентуално може да се случат во рамките на преговорите. Тоа, додаде тој, подразбира ние да ја објаснуваме нашата позиција и кое решение би било најпозитивно за нас како држава.
На седницата е договорено Советот за безбедност да се состанува на секои два до три месеци. Како што изјави претседателот Стево Пендаровски, ова е прва седница по цели три години на Советот за безбедност кој е уставна категорија и исклучително важен орган, но поради немањето политичка волја, Советот бил маргинализиран и заборавен.