Кинескиот милијардер Џек Ма, кој долго време беше еден го главните поборници за екстремната кинеска работна култура, сега вели дека луѓето треба да работат само 12 часа неделно благодарение на придобивките од вештачката интелигенција.
„Луѓето може да работат само три дена во неделата, и тоа по четири часа на ден, поради напредокот на технологијата и реформите во образовните системи“, изјави ко-основачот на холдингот „Алибаба“ на глобалната конференција за вештачка интелигенција што се одржа во Шангај, пренесува агенцијата „Блумберг“.
Џек Ма на сцената зборуваше со Илон Маск, извршен директор на американската компанија „Тесла“, која гради производствени капацитети во градот.
Ма ја наведе електричната енергија како пример за тоа како развојот на технологијата може да обезбеди простор за слободно време.
„Силата на електричната енергија им овозможува на луѓето повеќе време за навечер да може да одат на караоке или на игранка. Мислам дека поради вештачката интелигенција, луѓето ќе имаат уште повеќе време да уживаат во животот“, смета Ма.