9. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Левица: Имотот на Камчев да се национализира бидејќи е стекнат преку криминал

Орце Камчев како политичка и бизнис-фигура не може да се ослободи од неговите криминали за време на претходната и актуелната власт, велат во соопштение од Левица од каде додаваат дека Камчев е превртлива политичка фигура која игра со сите партии во име на својот енормен капитал.

„Богатството што го има направено од приватизацијата со помош на татко му, од потта на работниците во многубројните компании што тој ги поседува и од неговите криминални активности, најмалку му припаѓа нему“, велат од оваа политичка партија нагласувајќи дека единствениот разумен потег што е од интерес на народот е конфискација и национализација на сиот имот на Камчев.

Од Левица порачуваат дека 0,1% олигарси како Камчев заедно поседуваат повеќе од 99,9% од народот во Републиката, кои едвај крпат крај со крај.

„Ова општество е политички и економски неинклузивно и ја игнорира волјата на мнозинството, а поинакво не може ни да биде додека индивидуи како Камчев имаат толкава економска моќ, а следствено на тоа, и политичка моќ“, порачуваат од партијата.

Според нив, мора да одговараат сите кои, како што велат, 28 години го крадат и понижуваат народот, без разлика дали доаѓаат од ДПМНЕ или СДСМ. Од Левица сметаат дека прв на таа листа треба да биде најбогатиот Македонец, Орце Камчев.

„Сè што тој поседува мора да се врати кај народот, а Камчев да се затвори заедно со оние кои го рекетираат“, стои во соопштението.