Екипите на Електродистрибуција од Велес од самиот почет на пожарот кој вчера ја зафати околината на езерото „Младост“ активно учествуваа во гаснењето на истиот. Од пожарот во кој изгореа 500 хектари шума, од кои 200 хектари црноборова, беа зафатени и три средно напонски далекуводи на ЕВН: 10кВ далекувод Езеро, 10кВ Црн Врв – стар и 35кВ Црн Врв – нов. Екипите заедно со против пожарните служби успеаја да спасат дел од дистрибутивната мрежа.
Далекуводот „Црн Врв – нов“ најбрзо беше саниран и веднаш пуштен под напон. Другите два далекувода поради обемот на штетата и поради сугестиите на Центарот за справување со кризи беа без напон подолго време. Далекуводот Езеро е 50 % уништен од пожарот, а далекуводот Црн Врв – стар има штета од 30 %.
Во текот на денешниот ден активно се работи на санирање на штетите и воспоставување на напонска состојба на двата далекувода. Екипите на Електродистрибуција ќе останат на терен се додека се нормализира снабдувањето со електрична енергија, соопшти ЕВН.