25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

(Видео) Гасот доаѓа сѐ поблиску, завршени 70 проценти од работите на кракот Неготино – Прилеп – Битола

Премиерот Зоран Заев, во придружба на министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, директорот на МЕР, Бајрам Реџепи и градоначалниците на општините Новаци и Битола, Љубе Кузманоски и Наташа Петровска беа на увидот во напредокот на работите на магистралниот гасовод Неготино – Прилеп – Битола во Општина Новаци.

Во изјавата за медиумите, премиерот Заев потсети дека пред точно 5 месеци, во март, на Плетвар во општина Прилеп, владина делегација беше на увид во напредокот на кракот од магистралниот гасовод Неготино – Прилеп – Битола, на делницата кај превојот Плетвар, кога директорот на МЕР, Бајрам Реџепи информираше дека се завршени 36 проценти од градежно машинските работи на овој магистрален гасовод.

„Денеска, заклучно со јули 2019 година се завршени нешто повеќе од 70 проценти од градежните и машинските работи на овој крак. За само 5 месеци се завршени 34 проценти, што претставува исклучителен прогрес. Изградбата која започна во февруари 2017 година треба да заврши до февруари 2020 година, со што практично се исполнува планот за реализација на овој дел од големиот проект за гасификација на Република Северна Македонија“, потенцираше премиерот Заев.

Тој дополни дека на магистралниот гасовод Неготино – Штип се изведуваат завршните работи, а магистралата Скопје – Тетово – Гостивар се очекува да биде завршена до крајот на следната година.

„Гасот доаѓа се поблиску до индустријата и до граѓаните, со што се отвораат можностите да влеземе во фазата за определување оператори на секундарната мрежа кои ќе треба да го обезбедат преносот и приклучокот на гасот до домаќинствата и до индустриските капацитети по конкурентни цени“, нагласи Заев и додаде дека гасификацијата на земјата ќе донесе намалување на трошоците за енергија и намалени емисии на штетни гасови во воздухот.

„Оваа изјава има посебно значење искажана во близината на РЕК Битола. Во таа насока треба да се прифати фактот дека Главната мерно регулациона станица Битола е со најголеми капацитет на овој крак со 28 илјади кубни метри гас. Ова го нагласувам бидејќи еден дел од овој гас ќе биде наменет за транзиција на работата на РЕК од производство на електрична енергија од јаглен во процес во кој гасот ќе стане новиот енергенс за производство на електрична енергија“, истакна премиерот Заев.

Премиерот Заев во изјавата за медиумите на настанот организиран за увид во напредокот на магистралниот гасовод Неготино – Прилеп – Битола, информираше и за претстојните, нови мерки од Планот за намалување на загаденоста на воздухот.

„Од претстојната грејна сезона, најавуваме дека ќе овозможиме бесплатна замена во домаќинствата на печките кои користат огревно дрво и фосилни горива со високоефикасни инвертори. Трошоците за користење на инверторите за домаќинствата се значително пониски од други начини на греење, вклучувајќи го и огревното дрво, топлинскиот комфор е далеку поголем, а како дополнителна вредност е можноста за ладење во летниот период. Но, клучно е дека на овој начин заеднички ќе си го заштитиме воздухот кој сите го дишеме и кој не препознава ни партија, ни политика, ни каква било припадност“, нагласи премиерот Заев, и дополни дека граѓаните сега имаат поволности и да се вратат назад на системите за централно греење, кое веќе е со намалена цена заради повластената ставка на ДДВ кој паѓа од 18 на само 5 отсто, и информираше за текот на процесот кој се реализира со германската KVW банка на проектот на топловодната мрежа од РЕК Битола кон градот Битола.

На увидот во напредокот на работите на магистралниот гасовод Неготино – Прилеп – Битола во Општина Новаци, министерот за транспорт и врски, Сугарески истакна дека ова е еден најстожерните проекти на оваа влада и дека во најскоро време гасот ќе биде достапен до сите корисници.

„Придобивките кои што ќе ги имаат граѓаните и компаниите ги потенцираме во неколку наврати, ќе има намалување на трошоците во делот на семејствата но сакам да потенцирам дека и компаниите кои ќе го користат овој енергенс ќе ги намалат своите трошоци и ќе се поконкурентни со своите производи“, рече Сугарески.

Директорот на МЕР Бајрам Реџепи од своја страна соопшти дека според утврдениот план, до крајот на оваа година ќе биде остварено повеќе од 90 проценти од реализацијата на оваа делница и дека во втората половина на наредна година оваа делница ќе биде оперативна и спремна за опслужување за пренос на природен гас.