25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Од кај Рускоска ја потврдија веродостојноста на првата страница од документот за “Рекет”, но не и раскажаните делови од скандалозниот текст

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција најостро го осудува објавувањето на нелегално добиени документи од истрагата за предметот „Рекет“, кои освен како моментална сензација, не придонесуваат во остварување на каква и да е друга цел.

Од започнување на истражната постапка, водејќи се од големиот интерес на јавноста, обвинителството секојдневно настојува во рамките на можностите да сподели детали што нема да наштетат на истрагата, а на јавноста ќе и овозможат да има реална слика за текот на постапката. Во таа насока, имајќи ја предвид сензитивноста на предметот, во неколку наврати укажуваме дека само официјално добиените информации од обвинителството се веродостојни.

Обвинителството нема да ги коментира информациите изнесени во јавноста, но ќе потенцира дека откривањето на доверливи информации од страна на поединци претставува опасност и штета за севкупниот општествен систем и е кривично дело. Со протекување на ваков вид документи се повредува пресумпцијата на невиност, се загрозуваат животи на инволвираните лица и воопшто сe отежнува текот на постапката.

Во интерес на понатамошното непречено спроведување на истражната постапка, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ќе преземе дејствија за утврдување на фактите како овие документи се протечени во јавноста и ќе бара одговорност од сторителите.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и укажува на јавноста дека ваквите неодговорни извори на информации и медиуми со ограничена цел, нема да влијаат врз решеноста на обвинителството овој случај да добие комплетна завршница. Дотолку повеќе што зад исходот на овој предмет стои посветеноста и енергијата на севкупното обвинителство решено да го оправда своето име и да и застане на патот на корупцијата.