Од овој месец, граѓаните кои се греат на парно, ќе плаќаат пониски сметки за затоплување, изјави Диме Велковски, пратеник на СДСМ, на прес-конференција.
Тој рече дека откако е донесена одлуката за намалување на ДДВ за топлинска енергија од 18 на 5 отсто, се овозможиле услови за намалување на вкупните трошоци на потрошувачите на парно. Според одлуката на Регулаторната комисија за енергетика, цената на парното во системот на БЕГ како најголем снабдувач со топлинска енергија во Скопје се намалува за 6 отсто.
„Секое семејство, приклучено на централното парно греење со стан со просечна квадратура, добива пониска сметка за околу 220 денари или на годишно ниво над 2000 денари заштедени пари во секое домаќинство, кое се грее на парно. На ова намалување му претходеше и укинувањето на паушалот за парно на исклучените граѓани што неправедно го плаќаа со години. Тоа претставува уште едно намалување на месечните трошоци и враќање на парите кај граѓаните“, рече Велковски.
Паралелно со ова, како што додаде, Град Скопје ја доби на трајно користење, топловодната мрежа, со која ќе управува новоформираното претпријатие за дистрибуција на топлинска енергија и гас, Градски Енергетски Системи (ГЕС).
Ова претпријатије, додава Велковски, има за цел преку реални енергетски политики, одговорен пристап кон енергетската ефикасност и рационален пристап во комбинирањето на топлификациската и гасоводната мрежа низ градот да донесе големи придобивки за граѓаните.
„Целта на Градот е парното греење да биде достапно за сите, со пониски сметки, да се запре досегашниот бран на исклучување и нивно повторно враќање во мрежата, но и привлекување на нови корисници, што позитивно ќе влијае на намалување на аерозагадувањето предизвикано од загревање на домовите“, истакна пратеникот од СДСМ.