24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

(Видео) Прентовиќ: Законот за земјоделско земјиште гарантира правилна распределба на државното земјиште

Парламентарното мнозинство предводено од СДСМ ги усвои измените во Законот за земјоделско земјиште кои гарантираат правилна, транспарентна и функционална распределба на државното земјоделско земјиште, изјави Татјана Прентовиќ, пратеничка на СДСМ.

Овој Закон, како што кажа, обезбедува можност за окрупнување на обработливите површини и до 10 хектари, што е предуслов за зголемен обем на производство на квалитетни и конкурентни земјоделски производи.

„Овој Закон, исто така создава услови за мотивирање на младите земјоделци до 40 години кои ќе бидат ослободени од плаќање на закупнина три години од склучување и стапување на сила на договорот. Со Законот се проширува намената за доделување на државното земјоделско земјиште за поставување на пчелни семејства, што беше долгогодишнен проблем на одгледувачите на пчели“, рече Прентовиќ.

Со цел да се елиминира нереалното доделување на земјоделското земјиште, додаде таа, Законот предвидува постапка со која се намалува злоупотребата од страна на оние кои наддават, а потоа не склучуваат договор за закуп. Тоа значи дека секој оној кој ќе понуди највисока сума, ќе има обврска да склучи договор за користење на земјиштето или во спротивно ќе плати оштета во износ на понудената годишна закупнина. Сега Законот дава можност, ако прворангираниот не го склучи договорот, тоа да може да го стори второрангираниот.

Прентовиќ рече дека со цел развој на агротуризмот и можност за поголема искористеност на средствата од ИПАРД програмата, Законот овозможува на земјоделското земјиште да се градат објекти за промоција на земјоделски производи, угостителски и спортско-рекреативни објекти.