Почна реализацијата на проектот за зелена нафта, клучнa мерка, со која 200 милиони денари ќе се вратат кај земјоделците. Од СДСМ појаснуваат дека 55.000 земјоделци, кои се регистрирани за обработка на градинарски и полјоделски култури, лозови и овошни насади и поседуваат обработливо земјиште, а воедно поднеле единствено барање за субвенции по Програмата за директни плаќања 2018, ќе може да набавуваат 30 отсто поевтина нафта за земјоделска механизација.
„Со персонализираната картичка и со расположливата сума ќе може да се точи исклучиво ‘евродизел’ за земјоделската механизација. Пресметката за тоа кој земјоделец колку ќе има на картичката, ќе зависи од видот на производството што го пријавил за субвенции, при што минималниот износ што ќе биде одобрен за мали производители е 500 денари, а највисокиот е лимитиран до 100.000 денари“, велат од СДСМ.
Социјалдемократскиот сојуз додава дека проектот за зелена нафта е одговор на децениските барања на земјоделците за реформи вo земјоделството, кои ВМРО-ДПМНЕ 11 години ги игнорирала.
Целта на мерката, како што нагласува СДСМ, е да се намалат трошоците на земјоделците, а воедно да се мотивира поконкурентно производство, а земјоделците да го окрупнат своето производство.