Со измените на законот за возила еколошките налепници што ќе ја означуваат еколошката категорија на возилото нема да бидат задолжителни, рече министерот за економија Крешник Бектеши денеска, презентирајќи ги најновите измени на законот за возила што вчера беа изгласани во Собранието. Тој рече дека целта на измените на законот е да се намали загадувањето на воздухот од сообраќајот. Поради тоа се донесени и други новитети, како што се субвенции за набавка на ново возило и со мотор со внатрешно согорување, наместо само за набавка на електрични и хибридни возила, како што предвидуваше првичната верзија на измените на законот.
Уште побитна е новината што ја донесува вчера усвоениот текст, за разлика од претходната верзија на измените, налепниците за еколошката категорија на возилото да не бидат задолжителни. Законот предвидува возачите да ја имаат налепницата на своите возила на доброволна база, односно не е обврска на сите граѓани, појасни Бектеши, посочувајќи дека допрва Министерството треба да изготви правилник за овие налепници, а одлуки за тоа во кои реони при енормно загадување на воздухот ќе се дозволи сообраќање на возилата од втора и трета категорија ќе донесуваат општините. Возилата од прва еколошка категорија ќе може слободно да се користат и при многу загаден воздух.
Од претходната верзија на измените, сменета е и одредбата за субвенционирање на нови возила, односно од 2.000 до 3.000 евра во денарска противредност за ново купено возило со каков било мотор ако старото се исфрли од употреба, а во првата година се предвидени околу 500 поединечни вакви субвенции, објасни министерот за економија.
-Мерката за субвенционирање на купување на нови возила со одјава на старо возило има за цел да се зголеми увозот на нови возила во однос на половните и значително ќе се забрза обновата на возниот парк, што значително ќе се влијае на намалувањето на загадувањето на амбиенталниот воздух. Се предвидува да се делат субвенции од 2.000 – 3000 евра во денарска противвредност за набавка на ново возило, и во првата година се предвидува да бидат опфатени над 200- 500 возила – истакна Бектеши.
Критериумите за поддршката се уште не се дефинирани, но веројатно ќе базираат на приходите во семејствата, појасни тој, односно приоритет ќе имаат семејствата со помали примања.Она што останува исто во однос на првичното решение, односно предлог-законот за измена на законот за возила кој беше пуштен во Собранието во новмеви минатата година, е субвенционирањето за уреди за ТНГ, метан или друго алтернативно гориво.
-Се предвидува да се субвенцинира 50 отсто од цената на трошоците за набавка и вградување на уредот, но не повеќе од 300 евра во денарска противвредност за возило и се предвидува да бидат опфатени над 1.200 возила на годишно ниво – појасни министерот за економија.
Субвенционирањето се очекува да започне од почетокот на следната година, но можно е и порано, ако се обезбедат средства со најавениот ребаланс на буџетот.
Покрај овие измени, најновиот закон за возила предвидува регистрираните такси возила да имаат жолти регистерски таблички, како и унифицирана светлечка табла на покривот. Целта е да се означат јасно кои такси-возила имаат лиценца и работат легално, за клиентите полесно да ги разликуваат од „дивите“.