23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

(фото) Царинската управа против организираниот криминал и шверц на нелегален тутун

Царинската управа на Република Северна Македонија во рамките на своите редовни активности на граничните премини Табановце со соседна Србија и Богородица со соседна Грција спречи обиди за нелегален внес на цигари и тутун во лист наменети за нелегална продажба на македонскиот пазар. На граничниот премин Табановце на влез од Република Србија се запленети 16,5 тони цигари, а на граничниот премин Богородица, на влез од Грција – 13 тони тутун во лист.

На граничниот премин Табановце, на ден 28.05.2019 година, во контрола на товарно моторно возило е утврдено дека истото содржи 1.000 пакети со нелегални цигари, со вкупна тежина од 15.000 килограми. Во секој пакет има спакувано по 50 штеки или вкупно 10 милиони парчиња цигари.

На истиот граничен премин, на 24.05.2019 година е откриено и комбе со 102 пакети со цигари, со тежина од околу 1.500 килограми или вкупно 1 милион парчиња цигари.

Станува збор за цигари со кинеска марка на цигари, ASHIMA LUXORY SIZE и MARBLE DE LUXE.

Царинските служби на Република Северна Македонија на влез на граничниот премин Богородица, на 16.06.2019, околу 18:00 часот, запленија товарно моторно возило во кое се откриени 130 пакети со 13.000 кг нето тежина, а бруто тежината е 14.300 со тутун во лист. Истото имало пријавено дека пренесува хартија за виткање тутун, но при направената проверка било утврдено дека возилото е натоварени со тутун во лист. Запленетиот тутун бил наменет за нелегална продажба како режан тутун на домашниот пазар.

Против сторителите се поднесени соодветни кривични пријави.

Доколку цигарите, односно тутунот се најдеа на домашниот пазар, со оглед дека станува збор за акцизни добра, државниот буџет ќе беше оштетен за околу 1 милион евра.

Тоа се пари кои државата ќе може да ги инвестира во изградба на училишта, градинки, спортски игралишта и друго, со цел подобрување на стандардот на граѓаните и обезбедување подобри услови за живот.

Цигарите и режаниот тутун се акцизни производи, за кои се плаќа акциза, а кога ќе се најдат во малопродажба, истите мора да бидат обележани со контролни марки. Контролните марки се потврда дека за тие производи се платени акцизата и останатите давачките на државата, но и дека е извршена контрола на квалитетот. Акцизите учествуваат со околу 22% во вкупните даноци кои ги прибира државата, а во буџетските приходи акцизите учествуваат со 13%, од кои над 5% се од цигари и тутунски производи. Ако се знае висината на буџетот (~ 3,4 милијарди евра), станува збор за значаен извор на приходи.

Токму поради огромните штети од нелегалната продажба на овие царински добра, Царинската управа на Република Северна Македонија во координација со други надлежни државни институции спроведува постојани акции за сузбивање нелегална продажба на тутун и тутунски производи, а секако, така ќе продолжи и во иднина.